
Доколку некој ја посетил Кина, особено поголемите градови како престолнината Пекинг, видел со каков проблем се соочуваат жителите – градот има толку многу смог што доколку живеете на некој од погорните катови во зграда нема да можете да видите ништо од прозорец освен смог.
Но, Пекинг сега ќе го има прочистувачот Смог фри тауер, кој ќе креира меурчиња полни со чист воздух во парковите во градот и можеби ќе успее да ја подигне свеста на народот за опасноста од дишење загаден воздух.

Кулата веќе беше тестирана во Ротердам, каде што е сместена компанија која е креатор на прочистувачот – Студио Роозехарде на холандскиот уметник и иноватор Дан Роозехарде. Ефектот врз околината бил неверојатен.
Со помош на технологија базирана на јони кулата ги привлекува и ги заробува малите честички на загадувачите и ослободува чист воздух. Така околината има воздух кој е 75% почист од претходно.

„Тоа е како да имате пластичен балон и кога ќе поминете преку него со раката ќе се наелектризира. Тој статички електрицитет потоа ја привлекува вашата коса“, објаснува Роозехарде.
Кулата висока 7 метри може да исчисти 30.000 кубни метри воздух за еден час, што значи дека ќе може да го прочисти воздухот на една мала населба дневно, а троши само 1.400 вати енергија, што е помалку од еден чајник.

Првата таква кула ќе биде поставена во Пекинг во септември. После Кина, Роозехарде планира да постави вакви кули секаде во светот, а меѓу сигурните дестинации се Мексико Сити и Индија.
Повеќе од 80% од луѓето во урбаните области се изложени на воздух чиј квалитет не ги задоволува барањата на Светската здравствена организација. Како што се влошува квалитетот на воздухот во урбаните средини, се зголемува ризикот од мозочни удари, срцеви заболувања, рак на бели дробови и астма. Малите честички PM10 и PM2.5 се особено опасни и поштетни за луѓето од сите други загадувачи.

Иако се загрозени сите региони во светот, населението во посиромашните градови е во најголема опасност бидејќи 98% од таквите градови не ги задоволуваат нормите на Светската здравствена организација, наспрема 56% од богатите градови.
Роозехарде вели дека има барања од целиот свет за такви кули, но предупредува дека кулите не се некое магично решение за проблемот со загадениот воздух.
Тој, пред сè, сака да го привлече вниманието на јавноста. „Се надевам дека моите дизајни ќе придонесат за промена на менталниот склоп на луѓето“ вели Роозехарде.
Освен тоа што кулата го прочистува воздухот од поблиската околина, го заловува смогот и потоа истиот се користи за производство на накит. Инспирацијата ја добил кога видел како се прават дијаманти од компресиран јаглен. Честичките смог се ставаат 30 минути под голем притисок и потоа се користат за изработка на прстени и копчиња за кошули. Првите 1.000 копчиња и прстени веќе се испорачани, а луѓето бараат уште. Но, има еден проблем – таму каде што се наоѓа тест-кулата веќе нема смог.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


