| четврток, 6 декември 2018 |

ГАЛИКУЛ ја издаде наградената „Црни дупки во нас“ од Марта Маркоска

Поетесата Марта Маркоска е минатогодишниот добитник на наградата „Тодор Чаловски“, награда што се доделува како признание од областа на поезијата, книжевната критика, есеистиката и креативните прозни форми, за млад автор од Македонија. Наградата ја доделува Здружението за литература, култура и уметност „Галикул“ во знак на почит и сеќавање кон ликот и делото на еден од најистакнатите современи македонски писатели Тодор Чаловски (1945 – 2015). Наградата резултира со издавање на книга на наградениот автор во македонско – англиско издание. Книгата „Црни дупки во нас“, во превод и препев на Александра Спасеска и Данче Чаловска, беше презентирана и промовирана во рамки на програмата на 22-та Галичка книжевна колонија која се одржа од 25 до 16 Јуни во Галичник. Истата ќе биде промовирана наесен и во Скопје, како и во други градови во Македонија и во странство. Книгата е подржана од Министерството за култура на Република Македонија од програмата за финансирање проекти од национален интерес од областа на литературата и издавачката дејност за 2016 година како и од Град Скопје.

-Збирката „Црни дупки во нас“ ја прочитав во еден здив, иако таа повикува на повеќе исчитувања. Плени мудроста, знаењето и потребата да се раситнат нештата до кристална и искрена едноставност и да се стават во функциja на големите прашања на егзистенцијата и на хармонијата помеѓу противреалностите, за да се достигне полнотијата на љубовта и недефинитивноста на смртта. Посебно ме плени потрагата по рамнотежата во хаосот на егзистенцијата и опкружувањто, односно борбата помеѓу виталните сили на опсатнокот и наметнатите историски сили, вели академик Луан Старова.

-Чест и задоволство беше, и останува, да се соработува со Марта Маркоска која потполно заслужено беше избрана за прв добитник на нагрaдата која го носи името на мојот татко Тодор Чаловски. Тој секогаш настојуваше да ја поддржи новата македонска современа поетска продукција и горди сме што на овој начин, преку ова одлично издание на „Црни дупки во нас“ можеме да ја продолжиме неговата заложба и во иднина, потенцира Јане Чаловски, издавачка програма на „Галикул“.

Марта Маркоска (1981, Скопје) дипломирала на Катедрата за Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а магистрирала на интер-дисциплинираните културолошки студии во книжевноста при Институтот за македонска литература во Скопје. Маркоска е прв добитник на наградата „Тодор Чаловски“, која што се доделува на млад македонски автор како признание од областа на поезијата, книжевната критика, есеистиката и креативните прозни форми. Наградата резултираше со издавање на книгата „Црни дупки во нас“, како македонско-англиско издание на Здружението за култура, литература и уметност „ГАЛИКУЛ“ од Скопје основано во 2007 од Тодор Чаловски (1945-2015), еден од најистакнатите македонски писатели. Досега има објавено осум авторски книги. Покрај горенаведената книга, во нејзиниот опус се вбројуваат и „Црни дупки во нас“ (поезија, прво издание, ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“ – Скопје, 2014), „Култура и меморија“ (културолошки студии, „Матица македонска“, 2014), „Расправа за Зен будизмот: религиско-филозофски трансценденции помеѓу источната и западната мисла“ (научна студија, „Матица македонска“, Скопје, 2013), „Стрмоглаво кон височините“ (поезија, второ издание, „Магор“, Скопје, 2013), „Стрмоглаво кон височините“ (поезија, прво издание, ОУ Центар за култура „Ацо Караманов“, Радовиш, 2012), „Хипер хипотези“ (есеи, Институт за македонска литература, Скопје, 2011), „Вител во Витлеем“ (раскази, „Темплум“, Скопје, 2010) и „Сите притоки се слеваат во моето корито“ (поезија, „Темплум“, Скопје, 2009). Маркоска е добитник и на наградите: „Ацо Караманов“ (2012), за поетскиот ракопис „Стрмоглаво кон височините“ и „Бели мугри“ (2014), за поетскиот ракопис „Црни дупки во нас“. Исто така е добитничка на награда за краток расказ на Нова Македонија (2015), за расказот „Височините на Феликс“ и прва награда на конкурсот „Електролит“ (Темплум, 2007) за расказот „Што се случува кога го читате Фрејзер“. Taa e застапена во повеќе антологии на современата македонска поезија и проза. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 2012 година.
 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top