Во последнитемоменти пред самиот почеток на мастерс турнирот во Мадрид, некогашниот светски рекет број еден Роџер Федерер го откажа настапот. Иако пред само четири дена швајцарскиот тенисер потврди дека ќе се обиде по третпат да го подигне победничкиот трофеј во шпанската престолнина, за време на тренинг во саботата ја обновил повредата на грбот поради која морал да го откаже настапот.
– Не би сакал да ризикувам. Подобро да го гледам турнирот од страна отколку да ризикувам поголема повреда – истакна 17-кратниот освојувач на Гренслем турнири.
Ова е втор пех во низа за швајцарскиот ас кој поради проблеми со менискусот мораше да пропушти неколку турнири во тековната сезона. Покрај Федерер, Серена Вилијамс се одлучи да не настапи во Мадрид поради настинка.
Следен турнир на кој Федерер ќе се обиде да излезе од лошата форма е мастерсот во Рим.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.