| четврток, 6 декември 2018 |

Чековски: Огромна помош имаме од младите играчи, на секој натпревар некој нов се „буди“

rabotnicki

Работнички продолжува да приредува изненадувања во домашното кошаркарско првенство. Сезоната ја започна со ниски амбиции – борба за опстанок, а Марин Докузовски докажа дека клубот од „Градски Парк“ и со млади сили може да им парира и на (по)големите фаворити сезонава. Пред речиси два месеци шест „центарци“ го преслушаа актуелниот првак, а вчера најтрофејниот кошаркарски колектив го совлада вицешампионот со 82-85 на гости и покрај тоа што кумановци ја имаа фаворитската улога.

Сосема очекувано, во победничкиот табор владее добра атмосфера, нивото на самодоверба е подигнато, а еден од носителите на игра Ѓорѓи Чековски се надева на добар исход и на вториот четвртфинален натпревар од плејофот.

– Секако дека е добро чувството да се победи. Се надевам дека ќе ја повториме играта и во петок и дека ќе поведеме во серијата. Можеме да приредиме и некое изненадување иако не сме фаворити. Имавме два дена за одмор, да ги согледаме грешките кои ги правевме и секако, да ги поправиме – вели популарниот „Станко“.

Работнички имаше поинаков план за тековната сезона. Битката за титулата беше ставена во втор план додека сето внимание беше насочено кон создавање на нови млади сили кои во иднината ќе го бидат носители на играта. Мисијата и тоа како е успешна со оглед на тоа кошаркари кои излегле од младинската школа на клубот бележат одлични резултати во натпреварите од кошаркарската елита.

– Одлично е тоа што на секој меч по еден нов млад играч се „буди“. Такви ни се и тоа како потребни. Допринесуваат на најдобар можен начин. Вчера Ефремовски и Станков постигнаа важни поени за израмнување кои ни служеа дополнително за мотив – вели Чековски за подмладокот на тимот.

Во таборот на Работнички до крајот на сезоната односно натпреварите од борбата за титулата ќе отсуствуваат Бојан Крстевски кој сè уште не е опоравен од скршеницата на стапалото како и Петар Николиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top