Со прикажувањето на претставата „Изгубени Германци“ од Дејан Дуковски, во режија на Слободан Унковски, утревечер во 20 часот, во Центарот за култура во Битола, ќе започне 15-то јубилејно издание на Интернационалниот фестивал на монодрама. До 28 овој месец, на пет сцени во градот, ќе бидат прикажани остварувања на актери од осум различни држави -Словенија, Романија, Србија, Шведска, Украина, Тунис и од Македонија.
– Станува збор за една традиција, за еден Фестивал кој што на на едно високо ниво ја промовира театарската уметност и пред се тој специфичен жанр – монодрамата. Основната девиза и идеја на манифестацијата од година во година се исполнува – а тоа е презентирање на навистина квалитетни монодрами од Европа и од светот, но и на стимулирање на македонската монодрамска продукција, вели Борче Димитровски, директор на Центарот за култура во Битола.
Меѓународното жири што ќе ја додели наградата Гран-при го сочинуваат бардот Мето Јовановски како претседател, Соња Михајлова од Битолскиот театар, Украинката Нина Мазур, Марчин Боткиевич од Полска и рускиот режисер Вјачеслав Терешченко.
На манифестацијата ќе се промовира книгата „Мите – сцена живот…“ од Борче Грозданов, а вон конкуренција ќе бидат прикажани претставите „Малограѓанска свадба“ на Народниот театар од Охрид, „Љубовникот“ на студентите од Универзитетот ЕСРА и „Женидба“ на Театар Комедија од Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


