Актерката на Македонскиот народен театар (МНТ) Арна Шијак деновиве постојано е во матичниот театар, во рудник, како што вели самата. Шијак е дел од актерската екипа на две големи претстави „Животот е прекрасен“ на Александар Морфов, чијашто премиера е закажна за средината на април, и „Соларис“ на Андри Жолдак. Во меѓувреме многу е актуелна со ликот на Велма Кели во мјузиклот „Чикаго“ за кој владее големо интересирање кај публиката. Заедно со своите колеги Борче Начев, Искра Ветерова и Марија Новак глуми во претставата „Викај ги среќа“ во која главните улоги ги толкуваат актери-аматери, лица со Даунов синдром.
Актерката годинава одбележува нескромен јубилеј, 20 години на театарската сцена. Растена уметничко семејство, со татко ликовен уметник и со мајка балерина, природно е и таа да се занимава со уметност.
Оваа година Арна Шијак одбележува убав јубилеј, 20 години на театарската сцена. Кога поминаа 20 години Арна?
ШИЈАК: И јас се прашувам кога? Како? Зар? Чудесна е перцепцијата за време / простор. Како завчера да бев девојчето од втора година факултет, кое направи фаца за време на кастингот за „Џипси меџик“ на Столе Попов и токму поради тоа беше одбрано да игра и на сет. Како завчера да беа првите проби во прилепскиот театар – првата професионална претстава за мене и за моите колеги од класата на професорот Кирил Ристоски и на професорот Владе Цветановски – „Опера за три гроша“ од Бертолд Брехт… Време… Што би рекол еден наш познат автор: „Што се пет века? Тоа е само едно затворање на клепките“.
Играш, танцуваш и пееш во мјузиклот „Чикаго“ толкувајќи ја Велма Кели, која го убила сопругот зашто ја изневерувал со сестра ѝ. Интересот за мјузиклот во МНТ не стивнува, напротив, сѐ поинтензивен е. Познавајќи те, мислам дека навистина уживаш во улогата. Уживаше ли и кога ја создаваше?
ШИЈАК: Убиство беше, но злостор не. Се разбира дека уживам, Велма е супер лик. Кога ќе се сетам на фантазиите како дете, инспирирана од старите добри филмови, токму вака се замислував. Настрана, токму во „Чикаго“ ја имам можноста да си ја остварам старата детска желба – да танцувам дури во живо свири џез.
Каква иднина му предвидуваш на „Чикаго“? Ќе одите ли на некои фестивали, ќе го види ли друга публика, освен скопската?
ШИЈАК: За тоа, навистина, немам информација, иако би било прекрасно да може да настапиме и пред друга публика, а фестивалската е секогаш посебна. Но, не е лошо да ја изиграме и пред публиката од другите градови во Македонија, иако и во Скопје има „народ“ што допрва треба да ја изгустира претставата.
Овој обемен проект покажа дека има публика за мјузикли. Можно ли е наскоро да се реализира некој друг мјузикл на театарските сцени?
ШИЈАК: Проектов е, навистина, обемен. Сплотени се неколку ансамбли – балет, хор, драма и оркестар – сериозна дружина. Не беше лесно, ова беше нова територија за сите нас, но токму поради успешниот производ на крај, верувам дека полесно ќе се „варат“ вакви проекти и во иднина. „Чикаго“ го повлече возот.
Што му потребно повеќе на театарот, сценски спектакли или добра претстава?
ШИЈАК: И обете. Некогаш сакаме да „нѐ ангажира“ театарот, но некогаш и да „нѐ олабави“. Некогаш сакаме да заминеме дома со прашање и со слатка тегоба дури го бараме одговорот. Некогаш е само пуста тегоба зашто и самиот живот обединува сѐ… Некогаш сакаме да заборавиме на сѐ и да се почестиме со смеа и со леснотија, со светки-метки, со малку убавина… Затоа, нужни се двете. Мене, лично, подраги ми се тие претстави што на публиката ѝ пренесуваат код на одредено сознание, мета-порака, која води кон преземање акција за сопствениот растеж, но не помалку уживам и во тие „пококетните“.
Растеше со таткото Томо Шијак, ликовен уметник и со мајката Снежана, поранешна балерина. Природно е и Арна да се занимава со уметност. Задоволна си?
ШИЈАК: И бескрајно благодарна… Колку и да е напорен патот на тој актер што се вика, бидејќи имајќи ја можноста да споредам колку пробуваме и како пробуваме, ние сме речиси сведени на ниво на религиозни фанатици, сепак, можноста да се занимаваш со уметност, со тоа што го љубиш, е непроценлива. А уште кога си почестен од мали нозе да го восприемаш светот низ оптиката на своите родители, не можеш, а да не бидеш благодарна и среќна.
Постојано си на проби или на претстави во театарот. Што се подготвува ново?
ШИЈАК: Реков, не е лесно, ама е чудесно… Во моментов подготвуваме еден театарски деликатес од кујната на Александар Морфов, насловен како „Животот е прекрасен“, кој наскоро ќе биде поставен на софрата на МНТ, за веднаш потоа да му се придружиме на Андри Жолдак и на неговата визија за „Соларис“.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.