Да не се доведеме во ситуација на самоволие и правдата да ја земеме во свои раце бидејќи тогаш само Господ знае како ова може да заврши, предупредија од партијата на Али Ахмети доколку институциите итно не ги тргнат приватните разговори од незаконски прислушуваните материјали објавени на каналот „Јутјуб“, социјалните мрежи и на порталите и не ги казнат лицата што стојат зад емитувањето на тие снимки во јавноста, објави весникот „Дневник“.
ДУИ најави дека ќе поднесе кривични пријави до повеќе институции откако викендов на социјалните мрежи беше пуштена инкриминирачка снимка од приватен телефонски разговор меѓу вицепремиерот Муса Џафери и пратеничката Ермира Мехмети. Истовремено на социјалните мрежи беше пуштен и разговор меѓу лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и поранешниот министер за правда, Блерим Беџети, во врска со екстрадицијата на поранешен припадник на УЧK од Kосово.
Од партијата на Ахмети за „Дневник“ велат дека адвокатскиот тим на ДУИ подготвува пријави до специјалното јавно обвинителство, до Јавното обвинителство, МВР, Агенцијата за медиуми и Дирекцијата за заштита на личните податоци, кривично да се гонат и тие што ги поставиле снимките со приватни разговори на „Јутјуб“ и на „Фејсбук“, но и тие што ги презеле и споделиле снимките, односно порталите.
– Несфатливо е зошто институциите не дејствуваат по службена должност иако тоа им е обврска. За каков јавен интерес зборуваме во инкриминирачката снимка која викендов беше пуштена за нашите функционери. Ова е лудило. Се уништуваат животи, семејства, а институциите ништо не преземаат. Молкот на институциите може да резултира во самоволие и преземање на правдата во свои раце. Ако системот не функционира, само Господ знае како ова може да заврши – велат од ДУИ.
Во партијата на Ахмети не ја кријат нервозата од објавувањето, според нив, на монтираните приватни разговори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.