| четврток, 6 декември 2018 |

Катица во јуриш за уривање на македонската држава

Ненад Мирчевски

Ненад Мирчевски

 

Најновиот скандалозен испад на специјалната обвинителка Катица Јанева во кој ги погази сите институции на државата покажа дека нејзиното поставување на функцијата (предлог наметнат од меѓународните посредници) воопшто не е во насока за спроведување легална истрага и расчистување на аферата со прислушувањето, туку е со задача да ја преземе улогата на Заев во сценариото за тотално разнебитување на државата. Јанева останува последен адут на Заев не само да се спаси од избори туку и од затвор, па затоа обвинителката е подготвена да оди до крај во растурањето на државата во обид да го одбрани обвинетиот.

Начинот што го одбра да избега од обврската да се појави пред Советот на обвинители и пред пратениците за да го дообјасни извештајот полн со нејаснотии, имаше катастрофален ефект и за неа и за сценариото што го спроведува. Обвинителката, која со недели бега од јавноста, окуражена од присуството на чадорот, си дозволи без докази, спротивно на демократските правила на владеење да ги прогласи за нелегитимни претседателот на државата, Уставниот суд и пратениците. Притоа, Јанева целосно ја погази државата и го навреди народот, а во исто време го оспори и сопствениот легитимитет. Згора на сѐ, побара сите да покажат почит кон нејзината институција, небаре се самопрогласува за суверен кој ја презема целата моќ и власт во државата.

Ако цврсто стои на ставот дека пратениците немаат легитимитет, тогаш се поставува прашањето зошто неколку дена претходно Јанева достави писмен извештај до Собранието за својата работа и кому таму му се правдаше за сработеното?

За волја на вистината, нејзиниот легитимитет е оспорен од многумина уште од самиот почеток поради противуставното формирање на институцијата, но никогаш досега на ваков начин и од самата обвинителка. Уште поскандалозно од негирањето на легимитетот на институциите е тоа што обвинителката настапува со идентичен став како и обвинетиот Заев, кој цела година наназад не ги признава судовите и претседателот на државата.

Мизеријата оди дотаму што таа како обвинителка која би требало да се повикува на докази и факти, ги користи неиздржаните аргументи на Заев. Така, во несреќно составеното образложение од скандалозниот настап, Јанева ги доведува во прашање изборите во 2011, 2012 и 2013 година без да размисли (или без никој да ѝ сугерира) дека и пратениците и претседателот беа избрани на избори во 2014 година. Само за потсетување, од изборите што самата ги спори, единствен мандат што може да виси е мандатот на Заев, кој стана градоначалник на Струмица во 2013 година.

Ако Јанева, пак, воопшто знае што зборува, и навистина има докази за сето тоа што го тврди, наместо да игра политички игри и да придонесува во дестабилизирањето на државата, треба веднаш да побара од надлежниот суд итно да го распушти Собранието и да распише нови избори со кои би се вратил легитимитетот на институциите. Ако не го стори тоа, тогаш треба да одговара заедно со сите тие што ги обвинува затоа што им овозможува нелегално да владеат со државата. Секако, за сето ова ѝ требаат силни докази и голема доверба и поддршка од граѓаните, за чии интереси и треба да работи. Од сето потребно Јанева нема ништо, па затоа од обвинителка се претвори во портпаролка на Заев.

Специјалната обвинителка мора да се појави пред Советот на обвинители и пред пратениците не само за да им даде отчет на нив, туку и на целата македонска јавност, која скапо ја плаќа нејзината работа (четири милиони евра годишно). Легитимитетот на овие пари Јанева досега не го оспорила, затоа е неверојатно да се види како крши нозе да се сретне и да даде отчет пред амбасадори и претставници од странство, но се крие како преплашено јаре од соочувањето со јавноста и со граѓаните.

Секако, надвор од памет е да се верува дека некој ќе ѝ дозволи на Јанева да укинува легитимитет на институции кои се градени со децении, но дилемата е до кога институциите ќе молчат и ќе толерираат вакви антидржавни испади на групи и на поединци?

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top