| четврток, 6 декември 2018 |

Што се случи пред Уставниот суд?

bona

Колумнист:
д-р Бона Лазар Бајрактарова
Универзитетски професор

 

Или… зошто протестот на „Ајде“, водството на СДСМ и други, заврши со дебакл? Очекувано; заради идејата–водилка… Различна беше идејата на протестантите што застанаа пред МНТ, од левата страна на Вардар, и на НАРОДОТ, на просторот околу Уставниот… И, сè заврши, како што заврши.

Секаде во светот, очекувањата на народот од една Влада (своја) се исти: – подобар живот, подобро секојдневие! А, тоа, меѓу другото, пред сè значи можност за обезбедување пристојна егзистенција…

Но, битисувањето на еден човек не подразбира само – полн стомак, лично/и задоволство/а и престиж. Иако денес себичноста е широко присутна /во светот/, посебно нагласена кај одредени општествени „елити“, сепак, за граѓаните, во поширока смисла, битисувањето подразбира нешто повеќе од – состојбата во својот „двор“! Од дебелината на својот паричник!

Со ова ништо ново не е кажано, ама веројатно може да биде некакво објаснување за протестантскиот дебакл на „Ајде“, водството на СДСМ и други, од пред некој ден/вечер! Протестот таа вечер (со претходна прошетка низ градот?!), кој и да го организираше, кој и да учествуваше во протестантскиот „поход“, не можеше да заврши поинаку! Прошетка, и „разидување“! Рекоа, така решило мнозинството (од протестантите?!) А, што можеа да направат! Да се судрат со НАРОДОТ од „другата страна”, како што сугерираа дежурните деструктивци во државава?! Сепак, толпата (колкава и да беше, кој и да беше во неа) реши да се повлече, а одлуката не беше случајна! Наспроти „Ајде” и нивните протестанти – се најде НАРОДОТ! А, тоа, не беше – случајност! И тука имаше организација, и се знае кој повика на таков собир. Мотото беше – „Да ги одбраниме институциите на државата”! Но, во овој случај и не е толку битно кој го упати повикот! Битен е ОДГОВОРОТ! Импозантен одѕив, на НАРОДОТ! А, тој беше повеќе од јасен – масовно собирање и изразување несогласување со деструктивните идеи на „Ајде”, на водството на СДСМ и слични!

Потоа следуваа обвинувања од организаторите на протестот – дека „други” им го окупирале просторот (пред Уставен…), каде што тие го закажале својот протест за „одбрана на демократијата” – со влечење за уши и исфрлање на уставните судии… надвор од судот. Таква порака испратија дента, кога ја „естетизираа” фасадата на Уставниот суд! Така тие ја замислуваат демократијата – тоа се нивните европски манири, нивниот демократски капацитет! Политичко и „граѓанско” дејствување преку уривање на дигнитетот на значајна /државна/ судска институција –значаен столб на една суверена држава!

Да бидеме на чисто. Во тој и таков зовриен ден, не беше во прашање обична физичка окупација на просторот пред Уставниот суд на Република Македонија!

Битна беше ИДЕЈАТА, а, таа беше дијаметрално различна! Едните, од „левата” страна на судот – бараа институцијата наречена Уставен суд да суди според своите правила и барања (овој пат сосема поинакви од тие што ги искажуваа во 2009 година, за истото прашање?!), а другите, тие што беа позиционирани на платото пред судот – бараа да се почитува самостојноста на законското донесување одлуки на оваа институција, и на сите други државни институции! А, најважно од сè, апропо сето ова е што: платото пред Уставниот суд /и многу пошироко околу/ беше „окупирано” од НАРОД! Народ што почувствува потреба да застане зад својата држава, зад своите институции!

Се шпекулираше – народот се собрал под принуда! Биле принудувани/уценувани вработените – ваму, таму, онаму (можеби и вработените во фабрики на „субвенционираните” странски инвестиции)! Биле принудувани и тие што добиле субвенции во земјоделството, сточарството, градежништво, туризмот… и тие што добија компјутери во училиштата, на факултетите-апсоловенти, тие на кои им изградија игралишта, училишта, градинки, патишта, канализации и водоводи, тие – што добија повисоки пензии, плати, бесплатен бањски престој (некои за првпат во животот!); принудени биле и тие што добиле бесплатно компјутерско образование и учење на странски јазик (за полесно вработување!); и сите тие што добија прифатливо ниска партиципација за студирање… тие што добија социјални станови и станови за деца без родители, и многу, многу други категории! Набројувајќи вака (а не може да се доброи), излегува дека народот во Македонија знае зошто го „окупирал” платото пред Уставниот суд! Да покаже дека е свесен за придобивките што му ги овозможува државата во секојдневниот живот – едноставни, човечки, потребни! Во државата во која живее, твори, битисува! И, дека не дозволува узурпација на заедничкото – поради ВЛАСТ и заради ВЛАСТ! Дека не се согласува со манипулаторската политика на грст незадоволни опозициски политичари!

Значи, на прашањето – зошто не успеа протестот на „Ајде” и придружните – одговорот е многу едноставен. Поради идејата, поради разликата меѓу платените за… и тие другите…

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top