Сите оние што се обидуваат да ја наметнат тезата дека одлуката на Уставниот суд е главната причина за предизвикување судири, или се слетани на ова парче земја од друга планета или најбезобразно сакаат да ja банализираат кризата со која се соочува државата во последните 14 месеци. Ниту на СДСМ и на соросоидите им беше целта да го одбранат Уставот, ниту на другата страна им беше целта да одбранат политичари кои учествувале во изборен криминал. Едноставно, народот рече доста е на сите закани и обиди за насилно уривање на државата и на институциите, по што насилниците што заговараа насилства исчезнаа од улиците.
Но, за да им биде јасно и на оние од Марс за каква фарса од бранење на Уставот стануваше збор, доволно е да се напомене само една апсурдна ситуација:
Предводник на протестот против аболицијата беше Зоран Заев, оној аболираниот, кој денес е на слобода благодарение на претходниот претседател Бранко Црвенковски. Истиот тој Заев денес повторно се соочува со низа обвиненија за кои може да заврши во затвор на подолг период, но за негово одржување на слобода во моментот е задолжена специјалната обвинителка Катица Јанева, која, пак, е на чело на институција која од многу експерти е квалификувана како противуставна. Истиот тој Уставен суд што сега го бранеше Заев, треба да ја разгледува и иницијативата за противуставноста на Специјалното обвинителство, односно за чадорот на Заев. Тоа за него е многу поголема болка и од многу поголемо значење од укинувањето на законските измени за ограничувањето на правото за аболиција на претседателот на државата. Не смее да се заборави и дека преку тој Уставен суд треба да поминат и одлуките во врска со евентуалната одлука за промена на името и за официјализирање на употребата на албанскиот јазик на цела територија на државата. Затоа и опозицијата тргна во напад за преземање на судот со барање за смена на сите судии кои не се под нивна контрола.
Но, историскиот протест се претвори во дебакл, а најагресивните опозиционери кои повикуваа на палење на Судот и на крвопролевање не можат да го прежалат неуспехот. За само неколку часа улиците беа празни, а потпалувачите, кои останаа сами во ноќта, замолкнаа. Некои од нив се јавија со критики за нивниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, затоа што не ѝ наредил на полицијата да им обезбеди слободен пристап до Судот. И повторно молк. На крајот на денот, истите тие силеџии што се закануваа со палења и со крвопролевања се трансформираа во жртви, како фини и културни граѓани кои биле изиграни од нивни човек. Како и секогаш, така и овој пат, потпалувачите на страстите се повлекоа пред народот, а овој пат немаше странци да им ја завршат работата.
Оние, пак, што ја манипулираат јавноста дека пред Уставен суд се собрале партиски послушници кои со сила биле доведени да бранат криминалци, пред повторно да повикаат на палење на институции и насилство врз вршители на државни функции, треба малку подлабоко и посериозно да ја проанализираат пораката на народот. Одложувањето на изборите од страна на опозицијата наталожи многу голем гнев кај народот, но и ги зголеми сомневањата дека СДСМ не сака кризата да се реши по мирен пат. Овој блиц крик на народот е само предупредување дека веќе нема да дозволи било кому да си поигрува со државата или, пак, ќе му го отстапи сувереното право сам да одлучи за новата власт на предвремените избори на 5 јуни.
Да бидеме начисто. Уште од почетокот на кризата мојот став за решението за излез од опасното сценарио за уништување на државата е непроменет. За криминалите и за неправдите направени од кој било политичар не смее да има амнестија! Сите до еден мораат да одговараат и пред народот и пред лицето на правдата. Без разлика на партиската, верската или етничката припадност. Нивната невиност може и треба да биде докажана само пред судот. Само така ќе си ја отстранат дамката од својот образ што ја носат повеќе од една година. Со аболицијата секој нормален политичар го губи моралниот кредибилитет и може слободно да се прости од политичката кариера.
Се разбира, актуелниот лидер на опозицијата не спаѓа во оваа категорија, па токму од тие причини беше искористен како марионета на странските центри на моќ кои сè уште се обидуваат преку него да ги наметнат своите интереси на грбот на македонскиот народ. Заев, пак, поверува дека странците ќе му помогнат да воскресне како некаков фактор во државата, се нафати на сѐ што беше побарано од него без разлика на штетите што ги направи врз народот и врз државата. Ова е директен пример за штетни последици од аболиција на политичар, и треба да го има на ум и сегашниот и секој иден претседател пред да го стави својот потпис на некое идно помилување.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.