Актуелниот шампион во Формула 1, Британецот Луис Хамилтон уште од првиот ден на тренинзите во Мелбурн на почетокот на новата сезона, јасно става до знаење дека е максимално фокусиран на одбраната на титулата во Формула 1 шампионатот. Возачите синоќа ги имаа првите два тренинзи во пресрет на неделната премиерна трка од новата сезона, при што Хамилтон доминираше во двата наврати, остварувајќи најдобро време. Возачите на Ферари, кои делуваа одлично на тестирањата во Барселона, овојпат беа далеку побавни од актуелниот светски првак.
Хамилтон извозе одличен круг за време на првиот слободен тренинг, остварувајќи најдобро време од 1:29,725 минута. Веднаш зад него првиот тренинг го завршија возачите на Ред бул, Данил Квијат и Дани Рикардо, Розберг беше шести, додека Фетел поради силниот ветер не комплетираше круг и реши да не ризикува враќајќи се во гаражата.
Британецот беше најбрз и на вториот тренинг, што се одржа при силен дожд. Тоа не му пречеше на светскиот првак да извози одличен круг и со време од 1:38,841 минута да се најде на првото место, пред Хулкенберг, Раиконен, Рикардо, Сајнц, Алонсо… Неговиот тимски колега, Нико Розберг, излета и удри во заштитниот ѕид, оштетувајќи го болидот и не враќајќи се повеќе на патеката.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.