Од фрлање на букет и подврски до пренесување преку прагот – сè се тоа свадбени обичаи што ги поврзуваме со среќа (и несреќа), но знаете ли кое е нивното вистинско потекло…
На денот на венчавката, младоженецот не смее да ја види невестата пред почетокот на церемонијата. Во дамнешни времиња, кога многу бракови биле однапред договорени, се случувало младенците да не се видат пред денот на венчавањето, а тогаш венчавањето главно симболизирало „деловен“ договор меѓу две семејства.
Татковците на невестите не дозволувале младоженците да ги видат пред венчавањето бидејќи се плашеле дека би можеле да се откажат од договорениот брак ако девојките не им се допаднат и така ќе нанесат голем срам за нивните семејства. Поради тоа, младенците се „запознавале“ на самата церемонија, кога било предоцна за откажување.
Жената што ќе го фати букетот од невестата и мажот кој ќе фати подврската, се следни на ред за стапување во брак.
Во средниот век гостите по венчавањето ги следеле младенците во нивните одаи и се обидувале да скинат парче од невестинскиот фустан бидејќи се сметало дека тоа донесува среќа.
Така невестинските фустани често биле целосно уништени. Поради тоа невестите почнале да бараат алтернатива за оваа чудна традиција. Почнале на гостите да фрлаат букети за да можат да им побегнат, а на вратата на младоженецот на собраните гости ги фрлале подврските од чорапите на невестата.
Младоженецот мора невестата да ја пренесе преку прагот на нивниот дом
Во древните култури постоело верување дека прагот на заедничкиот дом е место на кое демнат зли духови, а ранливите младенци биле предмет на нивните желби.
Се сметало дека духовите лесно можеле да влезат во невестата преку нејзините стапала. Поради тоа младоженецот имал должност да ја пренесе невестата преку прагот, за да ги спречи духовите да влезат внатре во домот. Во време на средниот век во западна Европа се верувало дека невестата ќе внесе несреќа во куќата и својот брак, ако застане на прагот при првото влегување во заедничкиот дом, но пренесувањето преку прагот го решило и тој „проблем‟.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.