
Ацо Станковски
Во последната деценија, како што велат познавачите на околностите во македонското општество, се случи една фуриозна политизација во сите сегменти на македонската култура. Поддржувачите на опозицијата, со нескриена хистерија ламентираат како политиката на легално избраните власти е одговорна за ваквиот развој на овие општествени процеси, но вистината е токму во обратен правец.
Имено, фрустрираните првенци на опозицијата, заедно со нивните псевдоинтелектуални трабанти, се тие што го иницираа овој процес, а како алиби им послужија одредени феномени на политизација на културата, што доаѓаат од страната на богатото културно-политичко наследство на западната цивилизација.
Позната е аргументацијата на одредени теоретичари на општествените процеси во Европа, кои скрупулозно и длабоко аналитички работеа на артикулацијата на неколкуте глобални идеологии, кои се појавија во општествените стратиграфии на европската политичка историја и кои, без сомнение, создадоа своевидни идеолошки култури, кои во помала или поголема мера живеат и до ден денешен, и покрај евентуалниот триумф на концептот на либерализмот, промовиран најмногу од страната на англоамериканските центри на моќ.
Другите модалитети на идеолошкиот дискурс беа токму тоталитаристичките идеологии – социјализмот и комунизмот, на позицијата на таканаречениот лев политички блок, а на десницата се стационираа фашизмот и нацизмот, иако самата буржоаска политичка традиција има и други концепти на идеолошко-политичко дејствување, какви што, на пример, се демохристијанската, конзервативно-традиционалистичката и граѓанско-либералната идеолошка опција.
Во секој случај, во сето ова време се појавуваа најразлични општествено-идеолошки критики, при кои едните ги критикуваа другите, потоа и двата антагонистички блока знаеја да се насочат на либералите или, пак, во сојуз со нив, да се нафрлат врз левицата или десницата, сѐ во зависност од непосредниот, а, често, и краткорочниот интерес за наметнување пред масите или за престиж при изборните процеси за освојување на власта.
Така, на пример, од либералните теориски мешетари произлезе таа ефектна хипотеза, дека комунистите и социјалистите ја политизирале естетиката, односно културата, а нацистите и фашистите ја култивирале или естетизирале политиката. Социјалдемократите, како еден импотентен хибрид за општествено поткусурување или историско алиби за злосторствата на марксистички дизајнираните општества кон човештвото, повеќе се наклонуваа кон либералите. А, што пак, правеле либералите? Тие, едноставно, го исполитизираа целиот граѓански сектор со своите стратегии и тактики – сѐ се купува, сѐ е пари, капиталот е над сѐ, и над естетиката, и над политиката, а главната нивна идеологија можеме да ја сведеме под девизата – капиталот е неприкосновениот императив на вкупниот општествено-политички живот и единствен гарант за слободата и демократијата на човештвото.
Секако, сите овие тврдења се крајно пежоративни и целосно небулозни, а нивната категричност и унилатералност повеќе им даваат мотиви за теориско поентирање на безбројните скрибомани и квазиинтелектуалци, отколку што ја одразуваат вистината за сите овие историски премрежиња и периоди во историјата на светската цивилизација.
Во постколонијалните општества, какво што е нашето општество, кое од феудализам поминало во комунизам, значи, од еден патријархален политички примитивизам во жесток и безумен тоталитиаризам, нештата ниту се одвивале така како што се случувало тоа во тие водечки општества на западната култура, ниту, пак, можеле консеквентно да ги одразат сите тие идеолошки проекти, кои дошле до своите целосни екстремности на историската сцена.
Затоа нашата интелектуална елита изгледа толку стерилно, толку безидејно и несигурно. Токму субмисивноста и стравот од авторитети е нејзината главна карактеристика, а ова е погодно милје за силна идеолошка и политичка манипулација од страна на светските хегемонии.
Се сеќаваме (барем тие граѓани што имаат повеќе од 80 години), како сите се колнеа во Сталин, па во Тито, како во една мини-замена или монета за комунистичко поткусурување, а денес, сите во хор, како јато кокошки, без пауза кокодакаат – НАТО – ЕУ, како сите наши интелектуалци од академската провиниенција да не беа ништо повеќе од мутави апологети на идеологиите и на политиката што доаѓаа од страната на големите сили и нивната хегемонија во регионот.
Затоа оваа интелектуална елита, која излезе од комунистичко-тоталитаристичкиот шинел на СКМ и на КПЈ, не беше во состојба да ѝ се спротивстави на силната политизација на културата, која произлезе од бестијалната борба за власт во услови на повеќепартизмот и немите амбиции за политичката моќ во општеството.
Кога македонската интелектуална елита го напушти СДСМ, откако увиде дека орди криминалци се инфилтрираат во оваа партија, беше јасно дека битката за автономијата на културните процеси во Македонија е загубена.
ВМРО, која се создаде по падот на Берлинскиот ѕид, релативно нова партија, која ги артикулираше интересите на селаните и на работниците (каков парадокс), немаше доволно време за да оформи едно силно интелектуално јадро, кое би го пополнило празниот простор, што зад себе го оставија интелектуалците произведени во минатиот систем.
И, за крај, токму сите тие академски структури во левицата беа заменети од еден ужасен котеж букачи, самопрогласени творци и интелектуалци, а за волја на вистината, повеќето од нив немаат ни соодветно и систематско образование.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


