| четврток, 6 декември 2018 |

Македонската филхармонија одржа концерт со рускиот пијанист Корољов

Пијанистот Евгениј Корољов од Русија, синоќа, во Домот на Армијата настапи како солист со Македонската филхармонија.

На концертот насловен „Црн бран“, Корољов ќе го изведе Концертот за пијано и оркестар во c-moll од Волфганг Амадеус Моцарт, а за првпат под дирегентската палка на Јануш Пшибилиски од Полска, ќе биде изведено и делото „City Noir“ од култниот современ американски композитор Џон Адамс.

На програмата е и делото „Молитвами…“ од Гоце Коларовски, со кое ќе се одбележат десет години од прераната смрт на овој македонски композитор.

– Секогаш со задоволство доаѓам во Македонија. Јас долго не сум свирел со оркестарот на Македонската филхармонија, но знам дека во моментов е уште подобар од минатото. Затоа се надевам на убава соработка и на одличен концерт, изјави Корољов.

Корољов (1949) е роден во Москва каде што студирал на Московскиот конзерваториум. Живее и работи во Хамбург, а од 1978 година е професор на тамошниот Колеџ за музика. Заедно со својата сопруга, македонската пијанистка Љупка Хаџигеоргиева, го формира дуото „Корољов“, со кое настапува ширум светот и од своето постоење (1976) се здобива со значајни награди.

Покрај делата од периодот на класицизмот и романтизмот, како и делата од современиот репертоар, отсекогаш бил заинтересиран за творештвото на Ј.С.Бах.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top