Тренерот Алек Јончевски е презадоволен од реакцијата на своите избраници по очајната втора четвртина, па МЗТ Скопје со одлична игра во преостанатиот дел од мечот успеа да направи пресврт и да слави над Тајфун, осигурувајќи го опстанокот во АБА-лигата.
– Честитки до моите кошаркари за победата, но и до играчите на Тајфун, кои вечерва покажаа храбра игра. Од преголема желба ние бевме дефокусирани, направивме доста грешки пред се во одбраната и им овозможивме на гостите да доминираат во рекетот. Бројот на скокови на полувремето беше јасен знак дека нешто мора да се промени, мислам дека добро реагиравме, го затворивме рекетот и ги оневозможивме повторно „од втора шанса“ да постигнат поени. Задоволен сум од конечниот резултат, ги оставивме математиките на страна и покажавме дека МЗТ и оваа сезона достоинствено настапува во АБА-лигата – истакна Јончевски на прес-конференцијата по натпреварот.
Севкупно гледано, стратегот на „металците“ смета дека македонскиот првак заслужил многу повеќе од битка за опстанок до самиот финиш од сезоната.
– Оваа сезона беше една од најизрамнетите, а ние загубивме бројни натпревари во неизвесни завршници, или пак мечеви во кои имавме убедлива предност. Сметам дека заслуживме подобар пласман, но ова сепак е спорт – изјави Јончевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.