| четврток, 6 декември 2018 |

Заев покажа кој го раководи СДСМ

 

Ненад Мирчевски

Ненад Мирчевски

 

Одложувањето на изборите закажани за 24 април беше дочекано со разочарување од најголем дел од граѓанството, кое повеќе од една година, на раб со нервите, ги чекаше своите пет минути за да стави крај на кризата што ја предизвика Зоран Заев со помош на неговите странски пријатели.

Обидот за изигрување на Договорот од Пржино беше очекуван, стравот од избори беше познат, но никој не се надеваше дека СДСМ толку аматерски ќе дозволи целосно разобличување на неспособното раководство на партијата, а лицемерното сценарио за целосно погазување на системот ќе доживее дебакл.

Чекајќи ја разврската, граѓаните имаа неповторлива можност да видат со свои очи кој, навистина, ја предводи опозицијата, која е нејзината цел, што значи „виткање кичма“ во вистинска смисла на зборот, но и колку се потребна стабилна влада и одговорни лидери, особено во ситуации кога се донесуваат сериозни одлуки и се штитат националните интереси.

Народот на 23 февруари индиректно доби признание за својата моќ и за своето суверено право да решава за својата судбина. Чадорот, пак, призна дека направил погрешна процена за менталниот склоп на македонскиот народ поради што место да го скрши, го доведе до кулминација отпорот кај граѓаните. Сето тоа, пак, резултираше со голем пад на довербата на граѓаните во нашите стратегиски партнери во Брисел и во Вашингтон и во нивните искрени намери.

Чашата се прелеа кога крајно деструктивниот пристап на Заев и на посредникот Ванхауте во решавањето на кризата сериозно ги загрозија интересите на меѓународниот фактор со тоа што премногу го навлече гневот на граѓаните не само врз себе туку и врз меѓународната заедница.

Затоа, Заев успеа за кратко да го изигра Договорот од Пржино, но не и да ја реализира главната цел – да обезбеди алиби за долгорочно одложувања на изборите, а со тоа и одолжување на кризата до бескрај.

Овој пат, обидот за бегство од избори ќе биде „невозможна мисија“ за опозицијата од проста причина што сега никој веќе не го прашува СДСМ. Заев го загуби најсилниот адут – чадорот и остана сам против сите во државата. Затоа казната на 5 јуни ќе биде неизбежна, дури и по цена да се обиде повторно да бојкотира, како што и се очекува.

За волја на вистината, наивно е да веруваме дека Заев ќе се помири со судбината и така лесно ќе се предаде на народниот суд. Напротив, многу е поверојатно дека со сите сили ќе се обиде да ја продлабочи кризата и да се врати како некаков фактор за да ја придобие повторно благонаклонетоста на чадорот.

Оттука, нема да нѐ зачуди ако бидеме сведоци на нови обиди за дестабилизација преку насилства во парламентот и протести на улица, објавување на таканаречени бомби или, пак, преку нови кривични пријави на Специјалното обвинителство. Но, тоа ќе бидат очајнички обиди на давеник што се фаќа за сламка, без реална можност да се спаси.

Изборите во јуни, со или без Заев, ќе бидат и своевиден референдум на кој народот ќе реши дали ќе го задржи или ќе се откаже од суверенитетот на државата и правото и понатаму сам да решава за својата судбина.

Од овој аспект расплетот на драмата од 23 февруари навестува дека на 5 јуни работите може да се исправат, Македонија може да излезе од криза и правдата наскоро да биде задоволена.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top