| четврток, 6 декември 2018 |

Словенечката војска ќе ја штити границата кон Хрватска

словенија

Словенечкиот Парламент доцна синоќа со потребното двотретинско мнозинство ги одобри измените на Законот за одбрана, со кои се овозможува за заштита на границата да може да се активира редовниот армиски состав заедно со полициските сили.

Како што јави ФЕНА, по расправата што траеше повеќе од шест часа, „за“ измените гласаа 69 пратеници, а против беа само петмина пратеници од опозициската партија Обединета левица (ЗЛ).

Војската, според најавите од владата, ќе може да ја штити границата со Хрватска, која е и шенгенска граница, во областите каде што не е поставена жичена ограда, од можен неконтролиран прилив на имигранти и да соработува во заеднички патроли со припадниците на граничната полиција. Овие овластувања на војската ќе важат три месеци, со можност за понатамошно продолжување, ако миграциската криза продолжи.

Словенечкиот премиер Миро Церар изјави дека таквите овластувања за војската во сегашната миграциска криза не се единствен случај во ЕУ и дека  армијата во пограничните предели кон Словенија на сличен начин ги активирал и Италија и Австрија. Се претпоставува дека во тримесечниот период ќе бидат ангажирани најмногу 800 словенечки војници. ­За користењето на полициските овластувања на терен, војската ќе мора да го иинформира врвот на полицијата, а користење на присилни средства од страна на војниците ќе биде дозволено само во самоодбрана, истакна за време на расправата словенечката министерка за одбрана, Андреја Катиќ.

Премиерот Миро Церар вчера на прес­конференцијата нагласи дека Словенија и натаму кон имигрантите ќе постапува хумано, но дека таа мора да ги заштити своите и националните интереси, како и надворешната граница во шенгенската зона.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top