| четврток, 6 декември 2018 |

„Милко“ со концертна промоција на новиот албум

Скопската група „Милко“ ќе го промовира својот последен студиски албум насловен „Милко“. Концертната промоција е закажана за сабота, 20 февруари од  22 часот во Младинскиот културен центар во Скопје – денсинг-сала 25 Мај.

Новиот албум на „Милко“ можеби ја носи нивната најискрена и најдиректна музичка експресија досега, што изобилува со имагинарен занес и креативна страст проткаени низ нивниот обид за јасна и вистинска, автентична дијагноза за градот и времето.

„Милко“ се мелодичен инди-бенд, кој постои од 2006 година и досега имаат издадено
два албума „Луѓе“ и „Милко“, два мини-албуми „Don’t let them win“ и „Changes“ и проект-албумот „Никотин“ сите за издавачката куќа ПМГ Рекордингс – Скопје.

Во нивниот чист поп-сентимент, врисокот на гитарите што предат во каскадата од вдахновен ритам, ја следат дистописката приказна која пак со автентична доза на компетенција и срце раскажува за насекаде херметичкиот и резигниран свет, за градот што не препознава херои, за личните идентитети, привиденија и соништа.

Албумот е снимен во студиото marryPHAT – Скопје, Mикс и мастеринг Ивица Јанкуловски, продуцент Ивица Јанкуловски и Милко. Фотографија и дизајн на омот Димитар Апостолов – Zewlean.

„Милко“ го сочинуваат Сашо Митревски на гитара и вокал, Стефан Терпини тапани, Филип Поповски бас-гитара. Гостин на песната „Ти“, Александар Ников – клавијатури.

На концертната промоција ќе бидат отсвирени речиси сите песни и од претходниот албум „Луѓе“, но и од  минатите изданија. За љубителите на носачи на звук, на самиот концерт ќе може да се набави и ЦД од новиот албум по промотивна цена од само 200 денари за еден така софистициран сувенир.

Билетите се во претпродажба само на касата на МКЦ по цена од 150 денари, а на денот на концертот по 200 денари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top