| четврток, 6 декември 2018 |

Колку „крепиш“ не зависи од тебе, туку од татко ти

Колку ќе ве боли глава наутро откако ќе излезете не зависи само од тоа колку алкохол сте испиле претходната вечер. Според студијата што ја спроведоа група научници од Универзитетот во Валенсија, ова зависи и од вашите гени.

Имено, група научници се занимавале со проучување на гените и на начинот на кој го регулираат метаболизмот во разградувањето на алкохолот на други соединенија.

Откако алкохолот ќе се внесе во организмот, тој поминува низ неколку фази на разградување. Алкохолот, т.е етанолот со помош на ензими на алкохолна дехидригеназа, се разградува на ацеталдехид. Ако разградувањето на етанолот се одвива премногу брзо, доаѓа до прекумерно насобирање на ацеталдехид во организмот, што за возврат доведува до јавување на главоболка или на чувство на мачнина.
Во спротивно, ако имате „побавна“ верзија на генот ADH1B, кој помалку ефикасно ги кодира неопходните ензими за метаболизирање на етанолот, алкохолот подолго останува во „системот“ продолжувајќи го неговиот опивачки и еуфоричен ефект.

Бидејќи брзината на разградувањето на алкохолот во нашиот организам влијае на тоа дали алкохолот ќе има поповолно или неповолно влијание на нас, научниците откриле дека ова, исто така, влијае и на нашите навики во консумирање алкохолни пијалаци.

– Оваа врска е уште повидлива кај машката популација, најверојатно затоа што мажите се помалку општествено инхибирани кога е во прашање употребата на алкохолот – наведе Франческо Францеса, од Департманот за форензичка медицина при Универзитетот во Валенсија.

Поврзаноста меѓу „побавната“ верзија на генот ADH1B и зголемената конзумација на алкохол одамна е откриена во Азија, меѓутоа, оваа студија за првпат покажала дека истиот случај се јавува и кај жителите на западниот свет.

Според зборовите на Францеса, резултатите добиени во текот на ова истражување, секако, ќе доведат до поефикасни третмани во случаи на труење со алкохол, но ќе најдат примена и во форензиката, бидејќи неумерената консумација на алкохолни пијалоци е поврзана со зголемениот број  сообраќајни несреќи, но и со зголемена стапка на криминал.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top