Тајланд денеска соопшти дека добиле предупредување од Русија за опасност од напад врз руските интереси таму, од страна на групата Исламска држава, пренесе „Франс прес“.
За таа цел џихадистите таму испратиле 10 сириски борци. Таму започнува туристичката сезона и секоја година доаѓаат милиони туристи, вклучувајќи многу руси, додава агенцијата.
Податоците добиени од руската Федерална служба за безбедност, допрва треба да бидат проверени, прецизира пред новинарите во Бангкок, портпаролот на локалната полиција.
За време на божикните и новогодишните празници, бројни руски туристи пристигнуваат со чартер летови во Тајланд и се насочуваат кон локалните плажи, особено кон Патаја, на два часа пат од Бангкок.
Според полициски документи, цитирани денеска во медиумите и социјалните мрежи, за Патаја се заминати двајца од десетте сиријци поврзани со идентификацијата, а другите заминале за Бангкок и за Пукет, другите најчесто посетувани центри во земјата.
Покрај руски државјани, терористите може да одлучат нивна цел да бидат и луѓе од други земји, кои учествуваат во воените дејствија во Сирија, тврди весникот „Хаосод“.
Полицискиот портпарол го повика општеството да има доверба во Тајланд и во способностите на локалните истражни органи, уверувајќи дека ќе бидат искористени сите средства за фаќање на можни осомничени. Тајните служби на Тајланд се способни да се справат со потенцијалната закана, изјави денеска шефот на Националниот совет за безбедност, Тхавил Нетнијон, цитиран од агенциите.
Во август во бомбашки напад во центарот на Бангкок, загинаа дваесет лица, а мотивите на уапсените осомничени останаа нејасни и никој не ја презеде одговорноста. Главната трага посочуваше кон проујгурските активисти, кои ги бранат правата на муслиманско малцинство во Кина.
Меѓународниот исламистички тероризам и особено Исламска држава, досега не дејствувал во Тајланд, каде се бунтуваат локални муслимански сепаратисти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.