Исламскиот теолог Нусрет Рамадани остро го осудува монструозното злосторство во Париз, а криминалците што одземаат невини животи ги смета за слуги на ѓаволот. Теологот од Скопје, кој своето образование го добил во Саудиска Арабија, вели дека тие што убиваат во име на исламот, всушност само се кријат зад верата. Рамадани е целосно уверен дека духовноста на вистинските лекции за исламот дава голем придонес во зголемување на довербата меѓу етникумите во Македонија.
Како Вие како исламски теолог гледате на мотивите за нападите во Париз и на убивањето „во име на Господ“?
РАМАДАНИ: Трагичниот настан и монструозното злосторство што се случи во Париз, нема ниту религија ниту нација. Остро го осудувам овој страшен чин и овој терористички акт врз цивилни луѓе. Овие криминалци што одземат невини животи и што сакат да ни ги одземат религиозните убедувања и верувања, мирот и сè што е добро во овој живот, нека знаат дека му служат на ѓаволот.
Зошто млади верници од Македонија се приклучуваат на џихад и заминуваат во Сирија и во Ирак?
РАМАДАНИ: Секој млад човек што заминал на туѓи боишта не оди во вистинска насока и греши многу. Ако им обрнуваме малку внимание на најголемите исламски центри на науки и на најголемите академици и муфтии на целиот свет, вклучувајќи го и арапскиот свет, конкретно во Саудиска Арабија, Египет и во Турција, може да констатираме дека тие се обединети и имале различни комисии што ги разгледуваа војната во Сирија и во Ирак и едногласно прецизираат дека не треба да се оди на тие боишта бидејќи таму оперираат криминални групи, убијци на стари лица, немоќни, жени и на деца, кои се кријат зад исламот, а главна цел им е да го уриваат имиџот на исламот и секој да се плаши ако се сретне со некој муслиман.
Се користат ли верски објекти како регрутни центри за нови џихадисти?
РАМАДАНИ: Не, воопшто, тоа што секој верник го знае е дека верските објекти кај нас функционираат и се контролираат и од самиот одбор на самиот објект, така што според содржината се користат за едукација на општеството и на верниците што се молат петпати дневно. Во согласност со програмските активности на џамиите има различни верски предавања, но со цел да се промовира доброто и да се војува против злото, како на пример загрижувачко е како дел од младите се зависници од дроги, а има и многу други негативни појави за кои се држат предавања, така што нема место за зло и за злоупотреба на верските храмови во нашата земја.
Пред неколку месеци во Исламската верска заедница се случија караници меѓу предводниците на ова институција. Беше нападнато седиштето на ИВЗ, се разреши муфтијата од Скопје… Како ги коментирате овие случувања?
РАМАДАНИ: Да, оваа голема куќа зазема големо место во моето срце. Мислам дека секогаш треба да се почитуваа и треба да се подигне на сите државни и општествени инстанции, да ѝ се дава заслужен третман поради тоа што се зборува за еден голем дел верници во нашата земја. Последните случувања во ИВЗ, навистина, беа ужас и хорор-филм, целото општество беше загрижено, но се чини биле добро оркестрирани со месеци пред да се случи тоа. Како и да е, кулминираше начинот на однесување на некои вработени кон ова институција употребувајќи сила, скокајќи над затворени врати, кршејќи ги прозорците на местата каде што работеа со години. Реисот Реџепи во минатото го почитуваа како „големиот татко”, а истите тие денес на адреса на реисот Сулејман Реџепи упатуваат еден куп обвинувања од најтешките. Има и други што во блиското минато на Сулејман Реџепи му посакуваа крај идентичен како на Садам Хусеин, а сега се целосно покорни и многу послушни и се задоволни од тоа како функционира ИВЗ. Мислам дека ова не е на место, па и здравата логика не го оправдува ова. Каков и да е обидот што е направен кон оваа света институција, посакувајќи да ја оштетат и да ја деградираат во секој начин или форма, и од кого било, е злодело и криминал. Да не ги заборавиме големите вредности што ги има ова институција со векови, да не се заборави потта на муслиманите на ова место, учењата на верата нѐ учат да се однесуваме добро и праведно, далеку од лагите, далеку од неправдата и далеку од лошите работи. Посакуваме ИВЗ да ја видиме уште понапредна, со повеќе подготвен кадар, за да биде добар пример не само во Република Македонија, туку и во целиот регионот.
Колку политиката е вмешана во ИВЗ?
РАМАДАНИ: Вратите на Исламската верска заедница треба да бидат отворени за секоја државна институција, за секоја политичка структура што дејствува во нашата земја, без разлика на нивното определување, транспарентно да се комуницира за доброто на граѓаните, на верниците и за општеството. Но, политиката никогаш не смее да влијае и да ја диктира ИВЗ како институција. Секогаш кога се вмешала политиката во ИВЗ, вриеше, имаше внатрешни меѓусебни судири, па и различни инциденти. Но, и спротивно, и челниците од ИВЗ би требало да не се занимаваат толку радикално со политички колумни, наутро да поддржуваат ставови на една партија, а навечер да јадат баклава со друга партија. Нека се соочуваат со своите евентуални слабости во својот ешалон, и како да ја води ИВЗ понатаму.
Како религијата може да влијае позитивно за зголемување на довербата меѓу Македонците и Албанците?
РАМАДАНИ: Да, сосема сум уверен во тоа дека верата и духовноста на исламските лекции и правила дават голем придонес и се главен промотор на зголемување на довербата меѓу етникумите и другите националности во државата. А сето ова се достигнува само преку искреност во душата, почит кон другиот, со дијалог и меѓусебна толеранција, кој го издигнува замокот на слободите и на човечките права и верувања. Алах во светата книга Куранот вели: „Овој Куран е поука за целиот свет”. По суштина, луѓето треба да се разликуваат како лоши и добри, лажговци и праведни, поттикнувачи на инциденти и други, кои создаваат мир и соживот. Истокот, на пример, се наоѓа во инквизиција поради тоа што го помешал исламот со локалната традиција, а тоа и кај нас во Македонија често слично се меша. Секој од нас треба да дава придонес од личниот карактер и од општествениот интерес за да се едуцираат, пред сѐ, младите генерации, во духот на меѓусебна комуникација. Нормално, секогаш имало поединци, што употребуваат вербални и грди зборови во комуникацијата на социјалните мрежи, во континуитет сакаат да ја пресечат довербата меѓу етничките заедници, а за овие што, главно, немаат домашна култура и не се едуцирани, никој не може да гарантира, а за жал, постојат. Брејвик, кој уби голем број невини луѓе во Норвешка во 2011 година, во име на христијанството, и тој другиот во Шпанија, кој го нападна големото метро и уби невини луѓе и тоа во име на исламот,немаат никаква врска со христијанството и со исламот. Значи, сите вери ги осудуваат таквите крвави настани, човек што има мозок в глава не размислува за такви терористички акти.
Разговараше: Ненад Мирчевски
(Интервјуто со Нусрет Рамадани е објавено во 168. број на неделникот Република, 20.11.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.