Францускиот репрезентативец и играч на Лион, Матие Валбуена по скоро два месеци откако беше поврзан со секс-скандал за првпат излезе во јавноста со своја верзија на настанот кој ја потресе фудбалска Франција.
Во интервијуто за весникот „Ле Монд“ зборува за вмешаноста на неговиот репрезентативен колега, Карим Бензема кој никако не изгледа невино во врска со целиот случај.
Валбуена за првпат дознал за снимката откако во мај му се јавил поранешниот репрезентативец Џибрил Сисе за да го предупреди што следи. Веднаш пријавил во полиција која го презела целиот случај, а месец дена подоцна добил повик да се сретне со некој човек во Дубаи, но не лично туку преку посредник на кого му верува.
Фудбалерот ја информирал полицијата и побарал доказ дека уценувачите ја имаат секс-снимката, но не добил ништо од нив. Полицаецот кој бил одговорен за случајот на 4 октомври оваа година му кажал дека некој ќе се обиде да го исконтактира директно или индиректно во врска со уцената.
– Следниот ден на 5 октомври на собирот на репрезентацијата, Бензема дојде до мене и ми рече, ‘мора да разговараме’. Бензема е мој соиграч, не сме најдобри пријатели, но сепак никогаш не сме имале проблем или лутина меѓу нас. Тој почна да ми зборува за видеото и веднаш ми текна на она што полицаецот ми го кажа дека некој ќе се обиде да ме исконтактира. Тогаш тој побара од мене да се сретнам со неговиот пријател. Јас не сум глупав, прво реков „фала ти што ме предупреди“, но знам зошто сака да се сретнам со тој човек, сигурно не е за ништо, туку ќе сака пари. Бев изненаден што Бензема е вклучен во сето ова, но веќе ништо не ме изненадува. Не сум глупав, имам 31 година. Разбирам – вели Валбуена во интервјуто.
Според зборовите на фудбалерот на Лион, очигледна е вмешаноста на Карим Бензема во целиот овој случај, односно дека добро ги познава уценувачите и дефинитивно ќе одговара за вмешаност во крминално здружување.
– Тој Инсистираше да се сретнам со неговиот пријател. Не беше агресивен, не зборуваше за пари, но кога инсистираш на тоа. Тој ми рече, „мораш да бидеш силен. Ако не сакаш да платиш, заборави, не е проблем. Но можам да те запознаам со мојот пријател“, секогаш го споменуваше. Многу сум разочаран. Едноставно ова е без почит. Навистина не можам да верувам. Пред да си заминеме Бензема повторно ме праша, „Па, што да правам? Да му го дадам твојот број? Да му го дадам твојот број?“, но јас не му го дадов – додава Валбуена.
Криминалците дошле до секс-снимката на Валбуена преку неговиот телефон, односно некој негов „пријател“ му го поправал и така дошол до материјалите. Случајот полека се разрешува, но очигледно е дека Карим Бензема не е сосема невин во уцената, па може да се соочи со затворска казна според францускиот закон.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.