| четврток, 6 декември 2018 |

Дибиров: Вардар е тим кој сака да победува каде и да настапува

Суперсилниот состав на Вардар утре го игра третиот натпревар натпревар од Лигата на шампионите против шведскиот шампион Кристијанштад на гостински терен.
По првите две победи против Монпелје во Франција и Пик Сегед на домашен терен во СЦ „Јане Сандански“ избраниците на Раул Гонзалес одат и на трета победа на гостувањето.
Иако шведскиот првак важеше за еден од аутсајдерите во групата, убедливата победа над Колдинг надополнета со минималниот пораз во Барселона се јасно предупредување дека станува збор за противник што никако не смее да се потцени. Тоа го знае и Тимур Дибиров, кој сепак најавува нова добра партија на „вардарци“ и атак на нова победа, трета во низа во ЛШ.

– Нашата игра оди во нагорна линија. Сѐ уште не сме покажале сѐ што можеме и допрва треба да влеземе во ритамот кој го посакуваме. Очекувам тежок натпревар, сигурно нема да биде како оној во август на пријателскиот турнир, сигурно ќе биде тешко. Никој не очекуваше Кристијанштад вака да ја почне сезоната. Одиграа добар натпревар со Колдинг, а добро се држеа и со Барселона. Сигурно имаат веќе фатено некој ритам и подготвени се да дадат сѐ од себе во Лигата на шампионите. Но, ние имаме силен тим кој може да ги решава сите задачи и надвор и на гости и дома. Ние секаде ќе одиме на победа, без разлика што ќе биде навистина тешко – Тимур Дибиров.

Мечот меѓу Кристијанштад и Вардар се игра утре, со почеток во 16.30 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top