Малку, малку, па лидерот ќе го воскресне спасителското во себе. Светските психолози велат дека на овој начин личноста контаминирана со спасителство, всушност, бара итен спас и излез од грдата ситуација во која се нашла. Најлесниот пат за прикривање на инфериорноста е токму создавање на т.н. комплекс на супериорност. Ненамерно, неусилено и наивно, на површина излегува потребата од некаков, каков и да е излез и спас. Не залудно, прикаската за месијанското во него почна толку едноставно и искрено. Се сеќавате на веќе антологиската изјава: Господ не ме црпна таму од нивите и ме донесе овде за така низ вода да ме пушти. Со една, единствена реченица кажана за локалната охридска ТВ-станица настана митот и бурлеската за Спасителот од Муртино. Медиумите, сепак, со остриот потсмев влијаеја врз затскривањето на потребата од јавно промовирање на блискоста со Бога. Сигурно, голема улога во маскирањето на потребата имале и неговите советници, кои му укажале на фактот за штетата што со овој чин ѝ ја нанесува на нивната заедничка кауза во деценискиот поход за враќање на власт. Попусто. Очигледно, потребата е толку голема и ненадминлива, што не може да се скрие. Не поминаа ни неколку месеци од месијанската екскурзија на опозицискиот лидер и, како што неговиот прекар полека заминуваше во заборав, така кај него растеше желбата за нагласување на оваа блискост. Работата „пукна“ при последното интервју. Спасителот не издржа и кажа: „Само јас и Господ знаеме што сѐ не се изнаслушав на овие снимки, ама ме гледате дека денеска сум истиот Зоран Заев…“ Нејсе, потребата за трето лице еднина, која психолозите ја толкуваат како производ на тешка фрустрација и на дискутабилно гледање на себе од страна, месијанското од лидерот самозаштитнички излета од него по невкусниот коментар во кој водителката си „призна“ дека во телефонска конверзација со неговата „поубава“ лидерска половина коментирала: „Дали си нормална, овој струмички ’селјак‘ во 21 век да се заложиш да го донесеш за лидер на македонската левица?“ Со воскреснувањето на блискоста до Севишниот, лидерот повторно побара спас во улогата на негов штитеник, пријатна сенка во која не мора да се мачи да одговара за стореното. Или кажаното.
Случајност: Заев на иста линија со Џорџ Сорос?!
И македонските психолози се согласуваат дека комплексот на супериорност го прикрива комплексот на ниска вредност, т.е. инфериорноста. Кавгаџиите, ситните диктатори, тие што за себе зборуваат во трето лице еднина и тие што постојано сами се фалат се типични претставници на оваа теорија. Како поистенчени примери за овој комплекс, психолозите ги нагласуваат луѓето што вистинското чувство за безвредност го кријат во заблудата од потребата за власт.
Месијанството не е нешто ново во светот на политиката и на парите. Историјата им го препишува на многу познати лидери (Наполеон Бонапарта и др.), кои, по правило, имале тешка судбина.
Феноменот е присутен и во денешнината. Едниот од најпознатите сопственици на овој комплекс ѝ е многу добро познат на македонската јавност. За разлика од другите на кои психијатрите им го припишуваат овој „дефект“ на личноста, нашиот финансиер на опозициските медиуми и т.н. НВО самиот си признава за состојбата во која се наоѓа.
„Ако треба да се знае вистината, уште од раното детство имав месијански фантазии тешки за контролирање, но, сепак, морав да ги зауздам за да не завршам во лудница…“ „Признавам дека отсекогаш имав претеран поглед на сопствената важност или, да бидам подиректен, се сметав за некој вид бог или економски реформатор…“ Ова е само дел од книгата „Алхемијата на финансиите“ од авторот Џорџ Сорос. Да, истиот тој американски „филантроп“ со унгарско потекло, кој има неизмерна љубов кон македонската опозиција или, поточно кажано, кон СДСМ.
Да се има истиот, редок комплекс, за познавачите на состојбите е потсмешлив доказ за оправданоста на поставеноста на актуелниот лидер на сегашната позиција. Велат дека нема друго логично објаснување. Финансиерот што има вложено многу милиони во опозициската егзистенција на овие простори има право на вето, но и право на избор. Можеби и на лидер по сопствениот вкус. И комплекс…
Кој е најпознатиот сопственик на месијански комплекс?
Нацистичкиот лидер Адолф Хитлер го развил „месијанскиот комплекс“ во текот на Втората светска војна, се наведува во психолошкиот профил на германскиот нацистички лидер, кој го нарачала британската разузнавачка служба, а е откриен неодамна.
Во профилот, кој за тајната служба, во 1942 година, го составил академикот од Кембриџ, Џосеф Мекурди, се наведува дека Хитлер сѐ повеќе ја развивал фобијата кон Евреите кога Германија губела во војната. „Хитлер е фатен во мрежа на верски заблуди. Евреите ги смета за инкарнација на злото, а себеси за инкарнација на доброто“, напишал Џосеф. „Тој мисли дека е бог со чијашто жртва ќе се победи злото. Таквиот систем на идеи го рационализира неговото, инаку, несфатливо однесување“, напишал Џосеф.
Петиција за забрана за ТВ-интервјуа за лидерот
Во СДСМ, пак, сѐ погласни се муабетите дека во партијата се подготвува петиција со која до изборите во април в година ќе му се забрани на лидерот да дава ТВ-интервјуа. Според барателите, на претседателот треба да му се остави само можноста за интервју за печатените медиуми, но и таа со строга авторизација, чин што претпочита пред излегување на текстот лидерот што дава интервју да може да ги исече непожелните делови. Јавна тајна во СДСМ е дека на многу челници и на уште повеќе партијци, буквално, им се дига косата на глава кога ќе слушнат дека е договорено интервју на некоја телевизија. Залудно што ваквите екскурзии секогаш се случуваат во медиумите „подобни“ за партијата, лапсусите се неизоставен инвентар од секое негово излегување пред камера. Месијанските изливи се само еден минорен дел од досегашните лапсус лингва на лидерот, кој никако не може да се спаси од сопствените грешки – придружен фолклор на неговото излегување во етер. Соговорникот, т.е. водителот секогаш паѓа во втор план. Колку и да сака да му угоди и да го задолжи при неговата „битка“ за слобода (поверојатно, власт и моќ) ниеден водител досега не успеал да го спаси од кажување нешто небулозно и нелогично, кое ќе го следи минимум еден месец по излегувањето од студиото. Зборуваме за истиот човек, кој по констатацијата дека има повеќе чичковци и татковци, ја прогласи државата за фригидна и Јужна Африка ја наведе како синоним за наркокартели. Освен што го погреши името на првиот македонски роман, истиот тој човек даде дузина изјави со кои за многу години ја зацрни иднината на сопствената партија.
Македонски лидер, кој посака учење на албанскиот од градинка, реотворање на Рамковниот договор, а на ова му претходеше осуда за казните за демонстрантите за пресудите за „Монструм“. Истиот тој даде и јавен белег за својата матична партија со изјавата дека ним не им стои патриотизмот и не требало да прават екскурзии со коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ за Кичево и за Струга. И сето ова се случи откако неговата партија ја скрои територијалната поделба на државата, која директно со селата ги албанизираше овие две некогаш доминантно македонски градски општини. Да не заборавиме и за лапсусите со гестикулации. Притоа, не зборуваме за лошо скриената фацијална експресија по договорот од Пржино, туку за „самофотографирањето“ на вториот ден на жалост за загинатите бранители во кумановско Диво Насеље. Контрадикторноста се јавува во фактот што овој заштитник на албанските права и слободи, одвреме-навреме го нагласува својот христијански месијански комплекс. За волја на вистината, љубовта кон бомбите го приближува до радикалните исламисти…
Пандов: Ова е човек залутан во политиката
Народот има кажано: Дај му на човек власт за да му го видиш паметот! Така и со нашиот лидер на опозицијата. Вака аналитичарот Александар Пандов ги толкува постојаните лапсуси на Заев, кои веќе се дел од македонската политичка класика, а тој помалку од една и пол година е лидер на СДСМ:
ПАНДОВ: Вистински е невозможно човек да му ги изброи лапсусите и веќе на секого му е и повеќе од јасно дека овој лик е апсолутно залутан човек во политика. За еден човек да се занимава со политика како професија, треба да има многу човечки квалитети, но една од најважните е да биде искрен пред народот и да не го лаже, на секој начин да се обиде да им помогне на луѓето со своето работење, да биде човек од народот и за народот. А што добива народот од Заев? Цела 2015 година ни помина во малтретирање и во изживување од страна на Заев и на дружината му со аудиоразговори добиени на нелегален начин. Пушташе таканаречени бомби со кои ја замајуваше македонската јавност со некаква вистина за Македонија, а ги третираше како крунски доказ за неморалноста на луѓето, чиишто разговори беа пуштани. Настрана што мислам дека нема понеморално нешто од тоа да слушаш, а не, пак, да пушташ туѓи приватни разговори. Е сега истиот тој Заев, лидерот на опозиција, мртов ладен ни кажува дека било сосема нормално во приватни телефонски разговори човек да биде поотпуштен, повулгарен, подиректен и дека никој нормален не може таков разговор да смета за нешто сериозно, а уште помалку за некаков доказ! Тоа што цела држава беше силувана една година, не важи, го забораваме. Премногу несериозно, па и од Заев да е! Ни останува да се молиме што поскоро да дојде 24 април и народот со истата бруталност да му појасни дека му е преку глава од циркузанти како него, неговата СДСМ и од сите нивни Соросови платеници.
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 160. број на неделникот „Република“, 25.09.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.