Дури 98,2 проценти од сите ученици во основно училиште во Македонија учеле барем еден странски јазик, при што стопроцентно тоа бил англискиот јазик, додека 1,8 процент од нив изучувале два странски јазика. При тоа германскиот е втор по изучување странски јазик со 1,7 проценти во основните училишта во државата.
Ова го посочуваат податоците од Европската канцеларија за статистика (Евростат) за учење јазици во училиштата, објавени по повод Европскиот ден на јазиците, кој се одбележува секоја година на 26 септември, јави дописникот на МИА од Брисел.
Во пониските одделенија на средните училишта во Македонија, пак, според Европската канцеларија за статистика, 99,9 проценти од македонските ученици го изучуваат англискиот јазик, по што следуваат францускиот, германскиот, италијанскиот и рускиот јазик.
Инаку, Евростат објави дека околу 17,7 милиони ученици од основно училиште (или 81,7 проценти од сите ученици на ова ниво) во Европската унија (ЕУ) се школувале на најмалку еден странски јазик во 2013 година, вклучувајќи и еден милиони ученици (или 4,6 отсто) што учеле два или повеќе странски јазици. На основно ниво, англискиот јазик е убедливо најпопуларниот јазик и него во рамки на Унијата го проучуваат 16,7 милиони ученици.
Доминацијата на англискиот јазик е потврдена во основното образование (ученици на возраст од 11 до 15 години, во зависност од националниот образовен систем) со 17,1 милиони ученици во ЕУ што го изучуваат англискиот јазик како странски јазик, а тоа се 95,6 отсто од сите ученици на ова ниво во 2013 година. Францускиот јазик го изучуваат 4,9 милиони ученици или 27,4 отсто од основното образование и тој го зазеде второто место, по што е германскиот јазик (2,9 милиони ученици или 16,3 проценти), па шпанскиот (2,1 милиони уеници или 11,6 проценти), руски (500 илјади ученици или 2,7 проценти) и италијански (200 илјади ученици или 1,0 процент).
Во моментов, според Евростат постојат 24 официјални јазици признати во рамки на Европската унија, а покрај тоа, оваа канцеларија соопштува дека постојат и регионални јазици, малцински јазици и јазици на кои говорат имигрантските популации. Исто така, Евростат наведува дека неколку земји-членки на ЕУ имаат повеќе од еден официјален јазик.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.