| четврток, 6 декември 2018 |

Историјата на „фала Богу што е петок“

petok e

За работниот народ, како и за учениците постои реченицата: „Фала Богу што е петок“. Сите го сакаат петок и викендот. Но, како всушност дојдовме до тоа да не работиме во сабота и во недела?

Пред да објасниме како дојдовме до одмор од работните обврски во текот на неделата, да си признаеме дека тоа не е ништо страшно, бидејќи и Господ лично, седмиот ден од креирањето на светот, си го земал како ден за одмор, што би се рекло, во денот недела најдобро е да бидеме со сите четири во вис.

Но, кога капитализмот влезе во игра, газдите немаа многу сочувство за своите работници, па ги тераа да работат цел ден – секој ден. Сепак, таквиот работлив европски народ од 18 и од 19 век, со душа ја чекал сабота, кога традиционално по работниот ден, се одело на пиење. Многу пиење. Затоа, во недела, сите работници, едноставно, не оделе на работа бидејќи не можеле да се ослободат од мамурлакот.

За време на индустриската револуција, што практично е истиот период од погорната реченица, работниците успеваат да се изборат за легален слободен ден, а тоа, секако, е недела. Набргу „законот“ се пренесува и во американските фабрики, каде што ќе биде модификуван од еврејските работници, на кои недела, едноставно, не им одговара, па ја земаат сабота како неработен ден за својот празник Сабат, што во нивната култура значи буквално – ден за одмор. Погодете од каде доаѓа и етимологијата на нашата „сабота“?!

Во таква ситуација, една фабрика во Њу Ингланд, која имала половина еврејски работници и половина од друга религија, немала избор освен да ги направи и сабота и недела неработни денови. Со тоа, на почетокот на 20 век, почнува викендот. Подоцна многу други фабрики почнуваат да го користат овој принцип, меѓу кои и фабриката за автомобили „Форд“, кои си прогласиле викенд во 1926 година.

Но, дури во 1940 година оваа практика стапува на сила низ цела Америка, подоцна, секако, и низ голем дел од светот.

Затоа драги пријатели, уживајте во викендот и неговите благодати, бидејќи неговото калење е речиси исто толку долго колку и турското ропство кај нас. 🙂 Да живее викендот… и пивото.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top