Со парче метал во срцето велешанец завршил во операционата сала на Државната кардиохирургија. Лекарите во последен момент му го спасиле животот.
Додека хирурзите од неговото тело го ваделе предметот голем 4 сантиметри, пациентот бил приклучен на вештачко срце, пишува „Сител“.
По неколку часовна борба , несреќата имала среќен крај. Тешко повредениот сега е во стабилна состојба на интензивна нега и не е веќе на апарати за дишење.
41 годишниот велешанец вчера попладне додека со брусалица сечел камен во еден момент од апаратот се откачило парче метал и со голема брзина завршило директно во неговото срце. Со Брза помош бил пренесен во скопскиот Ургентен центар. Итно бил примен на КАРИЛ каде побарале помош од кардиохирурзи.
Секунди одлучувале во спасувачката драма на Државната кардиохирургија.
-Беше поставен на машина за вештачко срце и плуќа преку крвните садови на препоната. Најпрвин се постави на таа машина, ја сопревме срцевата работа, а тоа веќе обилно крвареше бидејќи десната комора беше распарана во должина од 10 сантиметри. Тоа е процедура што се прави со специјална солуција за заштита на срцето додека тоа не работи. Раната ја сошивме што се вели на “ладно” и тоа сега работи сосема добро, изјави проф.д-р Сашко Јовев, кардиохирург во Државната кардиохирургија.
Во долгогодишната кариера на професорот Јовев ова е прв ваков случај.
-Во моето досегашно искуство и на хирургија досега сме имале 2-3 случаи со површински убод со нож во срцето, но вакво нешто досега немало во мојата кариера, додаде професорот Јовев.
Велешанецот уште неколку дена ќе закрепнува на државната кардиохирургија. Лекарите прогнозираат дека парчето метал нема да му остави последици во животот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.