Идејата за пловен речен канал од Дунав, преку Морава и Вардар, па до Егејско Море повторно е актуелна во Србија, по посетата на српскиот претседател Томислав Николиќ на Пекинг, пишува српскиот портал „Б92“. Николиќ и амбасадорот Милан Бачевиќ, поранешен министер во владата во Белград кој се залагаше за реализација на овој проект, повторно потсетиле на него при посетата на Кина.
-Што се однесува до оваа иницијатива, чекаме кинеската Влада и кинескиот амбасадор во Белград да покажат заинтересираност па потоа ќе реагираме- посочил премиерот Александар Вучиќ.
Идејата за речен пат е стара 150 години, а од 2013 година е во фокусот на вниманието. Проектот„Канал Морава“, кој би бил од капитално значење, пред сè за Србија, но и за Македонијаи за Грција, би бил од корист и за земјите од Централна и Западна Европа, затоа што со каналот преку Дунав Морава би се поврзала со пловните системи Рајна-Мајна-Дунав, Одра-Висла и Сена и Рона, а истовремено би се отворил и излез на Егејско Море. По најавите за студија за проектот, следуваа и реакции, како барањето од Тирана да се сопре проектот оценет како „Антиалбански“.
Македонските експерти пак околу реализација на оваа идеја, посочија внимателно да се анализираат позитивните и негативните ефекти од мега проектот и да се провери неговата економска оправданост, бидејќи таков пловен канал би потопил неколку региони.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.