| четврток, 6 декември 2018 |

Медицинските сестри по автоматизам ќе се вратат во јавното здравство ако се затвори приватната установа

medicinske sestre__Медицинските сестри кои од јавна здравствена установа преминале во приватна, повторно ќе може да се вратат во јавното здравство доколку приватната установа се затвори од одредени причини. Ова го предвидува значајната измена во Законот за здравствена заштита.

-Станува збор за медицинските сестри кои работат кај матични лекари- концесионери, а кои претходно работеле во јавно здравство, заедно со лекарот напуштиле и отвориле приватна здравствена установа како резултат на претходна реформа, кога практично беа приморани тоа да го направат, но имаме ситуација кога лекарот оди во пензија, почине или се вработи на друго место и во тој случај приватната здравствена установа се затвора и сестрата останува на улица. Ако земеме во предвид дека станува збор за здравствени работници, медицински сестри кои се во поодмината возраст-50, 55 години и нагоре, тие многу тешко потоа може да најдат работа. Има околу 70-80 вакви случаи во цела држава кои што би рекол повеќе или помалку се во очај затоа што не можат да си обезбедат егзистенција, многу тешко можат да најдат нова работа. Од тој аспект се решивме да предложиме едни вакви измени, со кои овие здравствени работници по автоматизам ќе може да се вратат во јавната здравствена установа во која што работеле или во друга јавна здравствена установа, истакна министерот за здравство Никола Тодоров.

По денешната Комисија за здравство на која се дискутираа измени на три закони, Тодоров подвлече дека станува збор за здравствени работници кои останале во ваква положба од 2007 година па наваму.

-Она што исто така денеска го договоривме и амандмански се интервенираше на предлог на пратениците е оваа одредба наместо една година да важи во наредните две години, додаде ресорниот министер.

Во Законот за здравствена заштита има уште две значајни измени. Едната од ние е намалување на глобите и прекршоците во здравството, додека втората се однесува на намалувањето на сумата која ја плаќаат приватните специјализанти за 20 проценти.

Значајна измена има и во Законот за здравствено осигурување. Со неа се овозможува, доколку е работничката на породилно отсуство, работодавецот да може на нејзино место да ангажира друг работник, без притоа да се платат придонеси од здравственото осигурување.

Според Тодоров, оваа мерка, не само што ќе помогне во правец на зголемување на вработеноста на Македонија, туку е и еден вид на демографска мерка и помош и во тој сегмент.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top