Македонските одбојкари се вистински спортски јунаци, кои пишуваат неверојатни приказни и по вторпат, и покрај сите маки и беспарицата, играат на завршниот турнир во Европската лига. Со седум победи и три порази, нашите модерни спартанци го освоија второто место во фазата по групи и по ланското деби во Европската лига, повторно се меѓу четирите најдобри селекции.
Еден од јунаците е и Јовица Симовски, популарниот Гума, човек што е долго во репрезентацијата, повеќе од една деценија. Еден од нашите спартанци, дел од прекрасната генерација македонски одбојкари што нѐ прави горди и што по вторпат ја одведоа Македонија на завршниот турнир во Европската лига. И тоа го прават достоинствено, без многу врева, иако третманот кон нив е разочарувачки. Само што се вратија од Полска каде што го победија домаќинот во двата меча и се пласираа на завршниот турнир, по само еден ден престој дома, повторно заминаа за истата земја и тоа на долго патешествие со автобус. На пат долг 24 часа до местото Валбрзич, каде што прв противник ни беше Естонија во четвртокот. Интервјуто со Симовски е правено пред почетокот на завршниот турнир во Полска и непосредно пред тргнувањето на македонската репрезентација за Валбрзич.

Станавте светски патници. Пак со автобус до Полска, а претходно лани се патуваше напорно до Австрија. На мака ли се познаваат јунаците?
Симовски: Навикнавме веќе. Можеби ќе ни се јави инаетот да успееме, но, секако, ни скратува од силата. Не е лесно да се патува толкава дестинација со автобус. Таква ни е ситуацијата. И да се буниш и да протестираш, очигледно нема ефект. Кога ќе излеземе на терен, на натпревар, сѐ се заборава. Играњето за национална селекција буди посебно чувство. Ние сме горди што играме за Македонија, без оглед на проблемите, и тоа оваа генерација го прави на најдобар можен начин, со огромно задоволство. Оваа генерација има екстра-квалитет, но останува мала горчина што не добивме доволно логистика за да се обидеме да направиме нешто повеќе. Во Македонија одбојката е на ниски гранки и време е да се престане со импровизација. Очекувам оваа генерација со мали измени да игра уште две-три години, а за потоа, искрено, не сум оптимист. Имаме таленти, но немаме ниту квалитетна лига, ниту поддршка за еден суператрактивен спорт да го вратиме на старите патеки на успехот.
Што ни недостига за клучен исчекор на одбојката и на клупски и на репрезентативен план?
Симовски: Во Македонија има таленти, но лигата е слаба. Замислете со какви проблеми се соочуваат одбојкарите што настапуваат во нашата лига. Топката се движи со брзина од 40 километри на час, за разлика од мечевите, на пример, во Европската лига, кога се сервира или смечува со повеќе од 100 километри на час. Очигледна е разликата и треба огромен напор за да се навикнете на една таква промена. Ритамот е сосема различен. Добро е што Македонија настапува во Европската лига бидејќи имаме натпревари цело лето, а патем успеавме и да ја продолжиме сезоната со настап на завршниот турнир во Полска. Лошата страна е што на домашен план многу назадуваме. Одбојката порасна во висина и порасна и во брзината на играта, динамичноста, на физички и на психички план. Јас играв одбојка и во стариот систем, со промена на поени. И имам учествувано на меч во дресот на Југохром против Работнички, кој траеше четири и пол часа. Ако го споредувам сегашното ниво на домашната одбојка, тоа ни е од тоа време и тоа треба итно да се промени. За да им се даде шанса на младите да напредуваат во правилната насока.
Ни треба квалитетна Прва лига за да можат помладите играчи да се развиваат. Инаку, за наша среќа, сѐ уште има интерес за одбојка во Македонија. За тоа многу помагаат и добрите резултати и успеси на репрезентацијата.

Втор настап во Европската лига за Македонија и втор пробив меѓу четирите најдобри селекции. Изгледа неверојатно. Очекувавте ли вакви успеси?
Симовски: Атмосферата и квалитетот се клуч на успехот. И инаетот македонски си одигра улога, така што очигледно е дека беа доволни тие три работи да се вклопат во една целина за одлични резултати. Никогаш не се предаваме, иако ги почитуваме сите противници. Само да потсетам дека само пред две недели речиси бевме отпишани за настап на завршниот турнир, но сепак отпатувавме за Полска. Веројатно, и среќата ги следи храбрите, а ние, реално, бевме и храбри и среќни. Двапати ја победивме Полска, а и Словенија ни помогна со две победи против Грција за да се најдеме таму каде што, веројатно, никој не нѐ очекуваше.
Што е потребно за да се игра во Светската лига?
Симовски: На шега, меѓу нас си разговараме дека ќе направиме проблем ако успееме да стасаме до тоа ниво, да играме во Светската лига. Таму веќе нема простор за никакви импровизации. Мислам дека само котизацијата за учество е околу 200.000 евра. Некој ќе треба да гарантира дека ќе ги добиеме тие пари. Ние досега речиси ништо не добивме. Да не кажам дека даваме пари од џеб за патување, за тренинг и за слични трошоци. За натпреварување од ранг на Светската лига треба да се исполнат уште многу услови. Од сместување во хотели, до патувања, ТВ-права и преноси, до сите најстроги стандарди. Знам само дека салата „Борис Трајковски“ со ситни корекции ги исполнува условите за играње и за Светска лига. Ние треба да ја освоиме Европската лига за да играме во третата група од Светската лига. И тоа би бил огромен успех, за нас остварување на сонот. Потоа, според правилата, се напредува во повисок ранг, во втората група, само со освојување на првото место во рангот на натпревари каде што настапувате. Ќе атакуваме на остварување на сонот како и секогаш, со максимум од силите и квалитетот и со чесен однос кон дресот со националните обележја. Добро би било што поскоро да успееме да го направиме тој чекор и да почувствуваме како е да си дел од такво спектакуларно натпреварување. И велам зошто да не успееме, кога и во Европската лига двапати по ред сме дел од завршницата. И тоа, веројатно, никој не го очекуваше, но го достигнавме со напорна работа, максимална посветеност и со квалитет.

Настапувате во Франција, за Ајачио. Каков е квалитетот на одбојката во земјата на актуелниот победник во Светската лига?
Симовски: Не шега, соиграчите ми велат – ти си последниот од старата гарда што опстојува во одбојката. Јас сум низок коректор, веројатно еден од последните со височина од околу 190 сантиметри. Но им возвраќам со шега дека сѐ уште сум тука затоа што имам квалитет и свои техники на игра што сѐ уште минуваат на паркетот. Во модерната одбојка на мојата позиција веќе играат многу повисоки одбојкари, повисоки од 200 сантиметри. Но, не се предавам, во Ајачио сум одлично примен и веќе трета година сум во клубот, кој игра во Првата француска лига. Шампионатот е многу изедначен, со многу квалитетни екипи и, што е најважно, со добар интерес од публиката. На натпреварите на Ајачио на домашен терен стандардно е да има повеќе од 1.500 гледачи, што е сосема добра посета. Местото е прекрасно, Корзика е вистински рај и, навистина, уживам со моето семејство.

Од каде прекарот Гума. Поради еластичноста, одразот, или во прашање е нешто сосема друго?
Симовски: Не, тоа нема врска со одбојката, и ми е прекар од детството. Ми купија гумени чизми како мал и тие ми станаа како омилена детска играчка. Со нив спиев, играв на улица, одев на свадба. Имав сѐ, не дека немав што друго да носам, но чизмите ми станаа заштитен знак. И кога ќе ме прашаа што носам, секогаш одговарав дека тоа е гума. И од таму ми остана прекарот Гума. И, секако, е многу порано од одбојката, така што не е поврзан со мојот омилен спорт.
Разговараше: Зоран Поповски
Фото: Ѓорѓи Личовски
(Текст објавен во 154. број на неделникот „Република“, 14.08.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


