Лекар не го прегледал болниот, пациент навредил доктор, шалтерски работник не бил на работното место. Со законот и правилникот за хоспитална култура, министерот за здравство најавува менување на ваквите навики во здравствениот систем.
Директорот на установата ќе биде казнет доколку во утврдениот рок не одговори на поднесена претставка од пациент или членови на семејство и не формира дисциплинска комисија. Може да биде и разрешен од фунцкијата ако тоа му се случи двапати во годината.
– Најтешко се менуваат навиките и однесувањето. Понекогаш тоа е врзано со организацијата на установата, со меѓучовечките односи, а поретко е врзано и со нивото на култура на некој од чинителите. Ова е најтешкиот предизвик за секој министер за здравство кој сака да гради пациент-центричен здравствен систем.Пациент центричниот здравствен систем подразбира градење на односи кои ќе превенираат конфликти, нервози и незадоволство и ќе овозможат позитивна работна атмосфера. Во тој правец сакам да апелирам за доследно почитување на одредбите од Законот за здравствена заштита кои се однесуваат на унапредувањето на хоспиталната култура, како и Правилникот за хоспитална култура, кој треба да се применува во сите јавни здравствени установи низ државата – изјави Никола Тодоров министер за здравство.
Подносителот на претставката не смее да биде повикан на одговорност, ниту да трпи какви било штетни последици поради нејзиното поднесување. Доколку оној што се жали изнесува нешто невистинито што може да наштети на честа и угледот на здравствениот работник, лекарот може да поднесе тужба.
-Градењето на пациент центричен здравствен систем не подразбира здравствените работници и пациентите да бидат спротивставени категории. Ниту пациентот доаѓа на лекар од мерак, ниту пак здравствениот работник е должен да ги трпи навредите од било кој пациент. Односот помеѓу пациентите и здравствените работници треба да почива врз заемно почитување и уважување, но и врз база на почитување на законот и почитување и унапредување на правата на здравствените работници и правата на пациентите. Имајки го во предвид сето ова, пред мене како министер и пред министерството за здравство се наметнува обврската силно да инсистираме на почитување на законот и правилникот за хоспитална култура со цел подобро здравство и за пациентите и за здравствените работници – изјави Тодоров.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.