По две успешни операции, на левата и на десната нога Игор Џамбазов денеска ја напушти Специјалната болница „Филип Втори“. Примен е на 21 јуни, по направените прегледи веднаш е опериран.
– Да те оперира Жан Митрев тоа е исто како да ти режира Стивен Спилберг, или како да те тренира Жозе Мурињо. Затоа бев потполно спокоен – изјави Џамбазов.
За неговата состојба зборува медицинскиот директор на болницата Д-р Тања Анѓушева.
– Успеавме да ја спасиме десната нога на Џамбазов. Во прашање беа минути. Џамбазов дојде со јаки болки во левата нога, која му беше студена и модра. Се направи компјутерска томографија која покажа отсуство на периферна циркулација односно недоволно хранење на ногата со крв, во пределот од препоните надолу. На компјутерт беше верифицирано дека има промени во циркулација на десната нога. Регистрирани се како хронични промени во висина на крвните садови на зглобот на коленото, поради што во втор акт се одлучи да се направи бај пас. На десната нога се употреби вена од истата страна и се направи премостување на запушениот дел. После оперативно циркулациски се доби одличен доплер наод, се направи контролен компјутер и на него се верифицира дека проодноста на крвните садови на долните екстремитети кај Игор е одлична – изјави д-р Анѓушева.
Џамбазов признава дека во болница го донел проблемот кој се таложел со години нездрав живот.
– Моите бурни 30-ти и 40-ти. Уште за време на пробите за големиот концерт во Борис Трајковски пред скоро 2 години, почнав да чувствувам трнење во нозете кое во наредните неколку денови полека прераснуваше во непријатна болка. Се залажував дека тоа ми е од незгодната поза во која седам на шанк-столчињата за време на концертите, иако знаев дека не е така. Во последните две години интензитетот на тие болки беше се посилен и посилен после секој настап. Конечно, пред две недели, во Гевгелија се разбудив со двете нозе потполно вкочанети и целосно побелени. Едноставно не ги чувствував. Како да не беа дел од мене – рече Џамбазов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.