| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов откажа интервју со „Јуроњуз“ поради користење на кратенката БЈРМ

Кабинетот на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов побара извинување од телевизиската куќа Јуроњуз, поради начинот на именувањето на Македонија при промоцијата на нивното договoрено интервју. Јуроњуз, која е дел од Европската дистрибутивна унија на јавните телевизии од Европа, преку социјалните мрежи, интервјуто почна да го промовира со барање до читателите да постават прашања до “претседателот на БЈРМ”.

Од Кабинетот информираа дека поради овој начин на именување, договореното интервју со Изабел Кумар од оваа телевизија е откажано. Интервјуто требало да се одржи за време на безбедносната конференција ГЛОБСЕК во Словачка, каде ќе учествува претседателот Иванов. ­

– Ве известуваме дека македонскиот претседател Иванов го откажува закажаното интервју за Вашиот медиум. Крајно неприфатлива е Вашата употреба на кратенката ФИРОМ во ословувањето на нашата земја, Република Македонија. Длабоко жалиме што, и покрај покажаната добра волја за соработка од наша страна, не беше прифатено барањето за отстранување на кратенката ФИРОМ при промоцијата на интервјуто на социјалните мрежи, и не беше уважено барањето да се придржувате до уставното име на нашата земја Република Македонија и до придавките изведени од уставното име на нашата земја – Република Македонија. Сметаме дека употребата на кратенката ФИРОМ е директна навреда за граѓаните на Република Македонија. Таа кратенка, како што претходно ви укажавме, никаде не се употребува, вклучувајќи го и регистарот на Обединетите нации и ви посочивме дека ФИРОМ не е име во ОН, туку референца која никогаш не се користи како кратенка, пишува во пораката упатена од Кабинетот на претседателот Иванов до Јуроњуз.

Интервјуто беше промовирано под насловот ­„Ask FYROM president“, направен без согласност од македонската страна.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top