Заврши уште една сезона во Италија во која гигантот од Милано, Милан не играше значајна улога во Серија А и сезоната ја заврши на средината на табелата без да успее да се пласира на место кое води во Европа следната сезона.
Седумкратниот европски шампион беше страв и трепет за сите европски клубови во минатата деценија, но ова што сега се случува со црвено-црните не е ни бледа сенка на гигантот во кој играле огромни светски ѕвезди во минатото.
Раководството на „Росоњерите“ за таа цел сака да доведе проверени имиња во тимот со цел да се врати на старите патеки и со новите 150 милиони евра за трансфери ова лето, да атакува на шампионската титула која љубоморно ја чува Јувентус веќе неколку години. На радарот на заспаниот ѕвер се повеќе од десетина звучни имиња.
Токму затоа потпретседателот Адријано Галијани тrгнува на пат кон Мадрид. И не му е во план да се види со Карло Анчелоти, како што најавуваа италијанските медиуми, туку да разговара со Хрватот Марио Манџукиќ за негов евентуален ангажман на „Сан сиро“.
– Не реков дека ќе се состанам со Анчелоти, туку со двајца пријатели кои минатата сезона беа дел од финалето во Лигата на шампионите. Мораме да го кренеме Милан на нозе, сите сме тажни кога го гледаме на средината од табелата во Серија А – откри Галијани.
Првиот оперативец на Милан ќе разговара со Манџукиќ, а во неговите планови се и Џексон Мартинез од Порто, како и Џофри Кондогбиа од Монако.
– Би можел да застанам и некаде по пат, за да се сретнам со Џексон Мартинез и со Кондогбиа – дополни Адријано Галијани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


