„Докторот ме труе со лекови. Не ја добивам терапијата што јас ја сакам“. Ова стои во претставката што пациент ја доставил до Лекарската Комора.
Освен изразената недоверба кон здравствениот работник, Комората нема друг одговор за пријавата. Велат дека не можат да постапуваат по истата без медицинска документација и доказ дека навистина има труење со лекови, пишува порталот „Здравство24“.
Без вонреден надзор ќе помине и жалбата на пациентка дека лекарот е виновен што не добила дете по пат на Ин витро.
Во ЛКМ за „Здравство24“ велат дека се збунети од ваквите претставки. Од почетокот на годината досега на нивната адреса пристигнале дури 11, каде нема можност за било какво реагирање.
-Имаме случај каде бара да му се направи декса. По диетата што ја држел, сега сакал да провери преку декса каква е густината односно соодносот на мускулна маса. Друг влегува од врата и бара магнетна резонанца. На прашањето зошто, вели така. Значи не може да се реагира кај вакви случаи. Нема никакви идникации, никакви докази. Се знае дека лекарот е оној кој утврдува дали и кога некое испитување вели д-р Ленче Нелоска потпредседател на ЛКМ.
Со измените на Законот за здравствена заштита од 2013, Комората е должна да прави редовен и вонреден надзор. Но велат дека кај голем број од претставките нема основа за тоа.
-За овие претставки од пациенти, апелираме прво да бидат доставувани до здравствената установа каде не ја добиле услугата или не се задоволни од лекарот. Дури потоа ако оттаму не добијат соодветен одговор тогаш до МЗ и Комора, вели д-р Нелоска.
Меѓу жалбите од оваа година е и онаа на скопјанец кој реагира дека по операција на скршеница на нога, екстремитетот повеќе не бил ист како пред интервенцијата. За да се растерети работата на ЛКМ, тие побарале од здравствените власти формирање на посебна комисија која ќе прави селекција на претставките.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.