Народот енергично застана зад владата на премиерот Груевски! Зад владата, на која ѝ го доделил мандатот да ја води државата! Како израз на доверба, како израз на сопствената волја! Така одговори народот на условувањата од неодговорни политичари во државата!
СДСМ континуирано ја узурпира волјата на македонскиот народ. Овој пат, го омаловажува избирачкиот глас на 500.000 граѓани, кои својата доверба, преточена во избирачки гласови (на осмите парламентарни избори) во април 2014 година, ѝ ја дадоа на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски!
Na 17 мај, опозиционерите и нивни поддржувачи одржаа протести пред владата. Барале оставка?! Каприциозно ѝ порачаа на ЕУ да се вклучи во решавањето на „најголемата политичка криза” во Македонија… што самите ја произведоа, незадоволни од својот опозициски статус. Лидерот на СДСМ, од протестниот собир во Скопје (дваесетина илјади протестанти, од, со „сигурност” очекуваните повеќе од сто илјади?!), упати порака до ЕУ со ултимативна нота – ако не им биде исполнето барањето /желбата/ можело да има последици…?
Заканувачкиот ултиматум е: преодна влада… Барање без легална основа – израз на самоволие, инфантилно и политички неодговорно однесување! Како на друг начин да се окарактеризира однесувањето на водството на СДСМ и на другата опозиција! Како производ од што може да се дефинира хаосот што го предизвикуваат во државата и нарушувањето на нормалниот животен ритам на граѓаните!
На булеварот кај владата „оставија” дежурни протестанти-кампери (по митингот од 17 мај)! Ќе останеле таму додека таа не си поднесе оставка?! Кафе-муабет, зачинет со по некоја „револуционерна” изјава пред камери… Сакале да „падне” владата?! Се изнаслушавме вакви ТВ-изјави на одделни протестанти! На крајот на краиштата, протестот е демократско право! Секој може да протестира, да каже што сака; да свирка, пие кафе… муабети… Ама, среде Илинденска?! А, правото на илјадниците учесници во сообраќајот, чијшто живот (секојдневно) го загорчуваат со блокадата на „Булеварот Илинден“ – една од најважните сообраќајни артерии во градот! (Изненадени? Не… Протестираа и пред неговото проширување!)
Но, да се вратиме на темата! СДСМ верува, си креира перцепција дека со реторичките „бомби” го подобриле својот имиџ, дека длабоко вкоренетата недоверба кај народот, поради нивната политика додека беа на власт – е избришана?! Сметаат на „изборна среќа”, која постојано ја бараат (2008, 2011, 2014), преку насилен притисок во државата за „нови” предвремени избори; овој пат, под параванот на преодна влада?! Сакале да се „испробаат”! Ама, изборите не се лотарија! До кога со политичките каприци на СДСМ?!
Европратеникот Ховит присуствуваше на протестот на опозицијата. Рече (во името на ЕУ) – ќе гледа/ат, слуша/ат… што се случува во Македонија?! Опозицијата бaра вклучување на ЕУ! Да помогне во решавањето на домашните проблеми што самата ги наметнува – водена од погрешната процена, дека со реторичките, прислушувачки „бомби со неутврдена автентичност” можат да ја уценуваат државата! Не им е јасно дека ЕУ нема да си дозволи мешање во внатрешните работи на суверена држава; дека ќе се впушти во решавање ситуации што е незамисливо да се случат во ниту една нејзина членка – опозицијата да бара оставка од легално избраната влада, негирајќи ја изборната волја на мнозинството гласачи!
Сериозен политички субјект не може да верува, дека ЕУ ќе си дозволи -легалната влада, институциите на државата, да ги третира марионетски! Јасно порачаа дека може да посредуваат во воспоставувањето дијалог (на барање на опозицијата), но дека проблемите треба да ги решат домашните актери – власта и опозицијата!
Од СДСМ велат – не било важно колку граѓани го поддржале протестот. Дали е така?!
На 18 мај и ВМРО-ДПМНЕ одржа собир; според странски медиуми со 90-илјадна поддршка. Масовниот собир јасно покажа кому (доминантно) му припаѓа поддршката од народот во Р. Македонија! Пред Собранието, каде што се одржуваше собирот струеше огромна енергија, спонтано изразена љубов! За поддршка, за одбрана на уставот и законите во државата, за одбрана на изборното право и неприкосновеноста на избирачкиот/изборниот глас! Спонтано, громогласно се скандираше – Македонија, Македонија! Никола, Никола! Името на државата, и името на премиерот Груевски!
Митингот на ВМРО-ДПМНЕ прати јасна порака до сите во државата, но и до меѓународниот фактор: Македонија нема намера да биде заложник на несериозни политички субјекти, нема намера да дозволи негација на легално избраната Влада – која според Уставот и законите има право, но и обврска кон народот што ја избирал, својот мандат да го одработи до следните, според закон дефинирани парламентарни избори!
СДСМ сака/л/ преодна влада – сè друго, само по себе ќе се решело?! Ама, Европската унија, во која се крстат, не исполнува нереални барања! А, и нема такви ингеренции! И народот (наш, и секаде во светот) не исполнува такви желби; не испорачува доверба на тацна! А, премиерот?! Премиерот Никола Груевски и да сака не може! Не смее да ја погази волјата на народот (500.000 граѓани) – зашто избирачкиот глас е неприкосновен!
ПС. За потсетување: Универзалната декларација за човекови права усвоена од страна на Генералното собрание на Обединетите нации /10 декември 1948 година/ во Париз, покрај другите, ги востановила и избирачките права – правото на глас, и правото за кандидирање.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




