| четврток, 6 декември 2018 |

Сепаратистите бараат промени во Уставот на Украина

украина

Проруските сепаратисти во Украина предложија промените во украинскиот Устав со кои се бара т.н. „Доњецка Народна Република“ (ДНР) и „Луганска Народна Република“ (ЛНР) да бидат „посебни реони со специјален статус“, јави ТАСС.

Во предлозите објавени на интернет-страниците на прес-службите на двете самопрогласени републики, сепаратистите инсистираат двете области да останат нераздвоен составен дел на Украина, но самостојно да ги решаваат прашањата за кои имаат уставни овластувања, а локалната самоуправа во тие региони да биде определена со специјален закон.

Во документите се посочува и дека државата треба да обезбеди финансиска самостојност на ДНР и ЛНР и тие да создадат сопствени „народни милиции“. Друго барање е Уставот да им дозволи на ДНР и ЛНР да спроведуваат локални референдуми и избори за локалните органи на власта, како и самостојно да располагаат со имотот во тие региони.

На териториите со специјален статус треба да биде гарантирано и правото за користење на рускиот и другите национални јазици, како и можноста да се склучуваат договори со други држави.

Во документите се наведува и дека Обвинителството останува дел од единствениот систем на Украина, но именувањето на судии и обвинители во двата региони да се регулира со специјален закон.

– Владата во Киев треба со двата региони да склучи договор за економски, социјален и културен развој и да дејствува за нивната трансгранична соработка- се посочува во предлогот.

ДНР и ЛНР бараат во Уставот на Украина да биде впишано дека земјата „нема да влегува во воени блокови и сојузи, да ја сочува неутралноста и да се воздржи од учество во воени акции надвор од границите“.

Промените во изборниот закон на Украина треба да ги определат правилата за локалните избори во двата региони, кои ќе се организираат по два месеца од стапувањето во сила на законските измени. Следните избори во ДНР и во ЛНР, согласно Уставот на Украина, можат да се одржат најрано во 2020 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top