| четврток, 6 декември 2018 |

Обвинителството побара притвор за четворица учесници во протестите пред владата

Protesti bomba martin (4) (Custom)

Основното јавно обвинителство Скопје побара мерка „притвор“ за четворица учесници во завчерашните протести пред Владата на Република Македонија.

Основното јавно обвинителство Скопје денеска соопшти дека примиле кривична пријава од Министерството за внатрешни работи против четири лица, за кривично дело „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејство“, сторени во текот на завчерашните протести пред Владата.

– Постапувајќи по поднесената кривична пријава, а со цел да се обезбеди непречено одвивање на истрагата од страна на Основното јавно обвинителство – Скопје до Основниот суд Скопје 1 – Скопје е поднесен Предлог за определување мерка „притвор“ против сите четири осомничени лица, поради постоење на околности кои укажуваат на опасност од бегство и поради постоење на особени околности што го оправдуваат стравувањето дека осомничените ќе го повторат делото, а со оглед дека се работи за кривично дело против јавниот ред – се вели во денешното соопштение од скопското Јавно обвинителство.

СВР Скопје вчера изготви кривични пријави против четири лица од Скопје на возраст од 26 до 40 години учесници во синоќешните инциденти

Лицата, како што соопшти синоќа МВР, се товарат за кривично дело „учество во толпа што ќе спречи службено лице во извршување на службени дејствија“.

Првоосомничениот Б.Ј.(1974), според полицијата, и досега бил пријавуван од полицијата. – Против него се поднесени 40 кривични пријави во врска со разбојништва (15), тешки кражби (9), кражби (5), по две за насилства и измами и по една за спречување на службено лице во вршење работи од безбедноста, убиство во обид, противправно лишување од слобода, учество во тепачка, насилство извршено во група, телесна повреда и фалсификување исправа.Првоосомничениот 16 пати бил и прекршочно гонет со пријави за нарушување на Јавниот ред и мир и согласно Закон за оружје – информира МВР.

Според МВР, и третоосомничениот С.П. (1989) со кривична пријава во 2011 година бил гонет за насилство, а против него се поднесени и 32 прекршочни пријави во врска со нарушен јавен ред и мир.

Останатите двајца Б.Т. (1984) и А.Т. (1985) не биле во полициските евиденции.

Учесници во насилните инциденти во кои беше нападната полицијата, досега се идентификувани уште девет други лица од кои седуммина од Скопје и две лица од Битола.

– Едно од овие лица и претходно и е познато на полицијата бидејќи против него во два наврати се поднесувани кривични пријави за недозволена трговија со наркотици. За нив се уште се утврдува евентуалната кривична или прекршочна одговорност и по извршените консултации со надлежниот јавен обвинител ќе биде процесуиран соодветен поднесок – соопшти МВР.

Министерството за внатрешни работи врз основа на бројните снимки објавени во медиумите, но и снимките обезбедени од видео-надзорот, продолжува да работи на целосно документирање на завчерашните насилства, откривање на учесниците и нивно изведување пред лицето на правдата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top