Во страшната, болна желба за интервенција на „божјата рака“ отелотворена во толку посакуваната реакција на меѓународната заедница, лидерите на опозицијата, очигледно, нешто погрешно разбраа и станаа инстант-верници. Истовремено, Монти Пајтон и нивната пародија „Брајановото житие“ добија силна конкуренција со настапот на опозицискиот месија. Загубени во преводот, но не тој на Верушевски, и соочени со катастрофалниот одек на сопствените петарди, атеистите нерасположено се прекрстија и експресно станаа најголемите богољупци во државата. И пошироко… Ова е и единствената новина во повторното користење на идентичното, проверено сценариото од 2001 година. Прислушувани и креирани разговори за руинирање на имиџот на актуелната власт, изворот е идентичен, само сега е во затвор, следува улогата на УЧК и – опа, откровение, лидерот стана спасител. Ова последното е единственото што отскокнува од познатата прикаска на тогашното и на сегашното сценарио. Вистинскиот проблем не е дека ќе се замонашат, тој ќе настане кога би требало да се избере опозициски верско-политички водач. Во моментов за титулата се борат Заев и Бошкоски, а БЦ релаксирано ги следи. Едниот самопрогласен спасител, месија од Муртино, кој не случајно бил „црпнат“ од нивата во родното село за да ја спаси Македонија?! Вториот, пак, со ореол на маченик и аскета, во познатиот поетски вознес пишува нова, македонска света книга. Дилемата за опозиционерите е тешка. На крајот повторно, како и секогаш, ќе треба да ја разреши демек пензионираниот верско-световен лидер.
Верскиот вознес на „месиjата“ допре до папата
Истиот тој папа, кој уживаше во длабока хибернација и верска медитација или, барем, се трудеше да прикаже таква слика, беше „разбуден“ од верскиот вознес на неговиот омилен, аболициран бискуп. Моментот на политичко воскресение на папата и неговото враќање на сцена беше причинето токму од покажаниот спасителски потенцијал на чедото божје, кое пред седум години беше спасено со неговото амин (читај аболиција). Само три дена по самопрокламираната месијанска улога на Заев, папата состави свое скромно писание со кое ја поништи анатемата за „случајно“ пуштениот разговор за негови местенки и пазар со владејачката партија по принципот Карпош за Центар. И му даде нов ветер во едра на штитеникот, впрочем, како и секогаш кога ќе падне во егзистенцијална криза. Тоа се случи со интервјуто пред изборите во 2014 година, во кое папата го воздигна лидерот што го избра, но бадијала. Сега, пак, истиот тој ватиканско-бихаќки маестро беше и предвесник на нападот на УЧК. Случајно, истиот тој папа само 12 часа пред нападот повика на немири и на насилно менување на власта. Коинциденцијата е начинот на кој дејствува господ, вели Ајнштан. Во Македонија, пак, зад „случајностите“ се крие папата, вели чаршијата…
Димитров: Опозициски мрачни ликови привилегирани уште од пелени
За драматургот Братислав Димитров, месијанството на Заев е само уште една потврда на перверзната ситуација наметната од опозицијата. Прашува, дали и Бога ќе го уценуваат со снимки ако не им одговори соодветно?
ДИМИТРОВ: Настаните се толку вулгарни и прости што сами себе се толкуваат. Бадијала. Опозицијата зборува за „раската во туѓото око, а не ја гледа гредата во сопственото“. Сведоци сме на перверзна ситуација каква што немало во ниту една држава во светот. Најголемите борци за демократија и за слобода ги кршат елементарните принципи на демократијата и на правната држава. Патем расфрлаат ментален отров на сите страни, водени од своите одмазнички намери, гнев, омраза, исфрустрираност, агресија… Треба да земеме годишен одмор за да ги наброиме сите нивни карактеристики што се во служба на хаосот и на ловењето во матно. Погледнете ги и тие поддржувачи на таканаречената опозиција. Тоа се мрачни ликови што се привилегирани уште од пелени, сѐ до овој момент! Идеолошките и крвни предци на денешнава опозиција ја прогласија религијата како „опиум за народот“. Денешниве нивни наследници, заглавени во сопствената кал и зорт, го повикуваат Господ!? Можеби и него ќе го уценуваат со своите снимки? Убаво напиша големиот Петре М. Андреевски во едно од своите прекрасни дела: „Сите го повикуваат Господ да им помогне, ама никој не сака да оди кај него!“
Заев месиjа, Бранко папа, Љубе светец. А Тито?
И Љубе Бошкоски заигра на верската карта. Во своето писмо-новела (на 10-ина страници) го повика Господ да ја сочувал Македонија?! Надобудниот затворски поет, кој поетскиот вокабулар често го практикуваше и како министер за внатрешни работи во рамки на кризата во 2001 година, го надмина и својот опозициско-бомбашки самонаречен спасител. Вдахновен од „бомбите“ широко се размавта со библиските ликови, десетина пати споменувајќи ги Бога, Исус, Мојсеј, св. Јован Крстител… Очигледно, затворските денови ги поминува со Библијата в рака барајќи небесна прошка и спасение, истовремено подготвувајќи и надевајќи се на земно политичко воскресение, а пред него и амнестија. Секако, ако некогаш победат на избори. Индикативно и паралелно со Заев и брат Љубе заиграа на истата, проверена карта, искусена и успешно спроведена од сите македонски моќници – мршојадци од транзицијата. И тие, како и македонските опозициски лидери во моментов, „многу“ го љубат Бога, па по бркањето на десетици илјади работници и зацрнувањето на исто толку семејства и судбини на нивните деца, станаа ктитори на новоизградени цркви. Нивните имиња ги грдат влезовите на многу божји храмови низ државата. Некаде, како во мавровската црква „Св. Никола“ се на купче, а најгрешните, пак, си изградија и свои. И ги исчистија гревовите, нели? Па така чисти пред Бога, со давањето пари за храмовите, сега безгрешно чекорат и го чекаат конечниот суд. Во пеколот, пак, велат дека има посебен оддел за оваа македонска каста. Којзнае дали ова со црквите ќе им помине? Како и да е, на иста линија со нив се најдоа и опозицонерите потомци на комунистите, атавизми на едно одамна минато време, на кое никако да се навикнат и приспособат, па постојано им е виновен народот, сега власта. Прашањето е дали на следниот карневал лидерот ќе се маскира во Исус Христос?
Николовски: Заев како конкуренција на Иван Исцелител
Новинарот Марјан Николовски проблемот го гледа во сфаќањата на Заев, односно во тоа кој е вистинскиот Бог за опозицискиот лидер. Доколку тоа е „папата“, за Николовски има и оправдување, но поинаку би било ненормално. Има ли Иван Исцелител проблем во конкуренцијата на Заев?
НИКОЛОВСКИ: Јас многу одамна напишав дека Зоран Заев има проблем со самоидентификацијата. Тоа што ме загрижува е што никој не сфаќа сериозно дека тој верува во тоа што го зборува. Тој, дефинитивно, длабоко во себе мисли дека е месија, пратеник од Бога да ја спаси Македонија. Е сега, мене само не ми е јасна дефиницијата кого Заев го смета за Бог, па од тука и одговорот на прашањето кој го „црпнал“ од нивата. Ако за Бог го смета Бранко, што има логика, а најмногу во „црпнувањето“, ако се погледне временскиот период за кој Заев вели дека е „црпнат“ – пред 15-ина години, тоа коинцидира со времето кога тој стана Пратеник во Парламентот, а потоа повеќе од 10 години и градоначалник на Струмица, тогаш и не е толку страшно. Човекот бил никој и ништо, Бранко го „црпнал“ и направил тоа што е, тогаш и логично е да го смета за Бог, а себе за месија што треба да ја продолжи неговата деструктивна политика. Но, ако Заев за Бог го смета Господ, како сите нормали, тогаш има многу ненормални елементи во тоа однесување. Самоидентификацијата со месија и со бог, себепретставувањето како спасител, „црпнат“ од бога во една нормална држава и во нешто што барам малку личи на нормална политика се дефинира како ненормално. Тоа треба да биде сериозен сигнал и аларм, пред сѐ за тие што се во најблиското опкружување на „месијата“. Во секој случај, Македонија преживеала многу, ќе го преживее и ова. Доколку Заев заврши неславно во политичката кариера, има големи шанси да постигне голем успех во исцелителската професија. Тука нема голема конкуренција. Само треба да биде подобар од Иван Исцелител…
Опозициска класика – повторно jа „утнаа“ прикаската
Серијата „грешки“ на лидерот ја откри неговата споредна улога и „потрошливост“ во прикаската. Десетината самодеманти завршија со драстичниот пад на бројката на прислушувани за да воскресне со бројот на бомбите. Првичната најава беше дека имаат 15 „бомби“, кои ќе се објавуваат на два-три дена, т.е. месец и пол, а веќе 23. „бомба“ ја испукаа пред цела една недела, влезени во третиот месец. Некој како да не знае што има и што пушта. Истиот тој лидер со црвени очи од слушање разговори, кој во очај заигра на верската карта, силно и желно се претставува како револуционер. Нејсе што современиот Бошко Буха има капитал од неверојатни 12 милиони евра, сосема непримерен за современ Че Гевара, туку повторно и со овој верски потег ја погреши работата. Како Ернесто, така и Кастро и дузина други познати светски револуционери биле атеисти, но не и македонските. Тие се верници, секако и само ако тоа носи гласови…
(Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 138. број на неделникот „Република“, 24.04.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.