Германскиот писател и добитник на Нобеловата награда за книжевност од 1999 година Гинтер Грас почина во 88. година од животот. Веста за неговата смрт ја соопшти фондацијата што го носи неговото име.
Грас, чиешто најпознато дело е „Ламаринениот барабан“, беше роден во градот Гдањск, Полска, кое е главно пристаниште на Балтичко Море. Токму таму, во Гдањск се случуваат поголемиот дел од неговите фикции во романите.
За многумина Грас беше глас на генерацијата Германци по Втората светска војна, која на своите плеќи го носеше товарот на своите родители, кои ги направија злосторствата за време на војната. Грас беше голем поборник и следбеник на Социјалдемократската партија на Германија.
Со децении тој ја криеше вистината дека како момче последните неколку месеци од Втората светска војна работел во елитните нацистички СС. Тој овој факт го призна во 2006 година. Тогаш имаше предлог да му се одземе Нобеловата награда, што е невозможно. Му беше забранет влез во Израел, но наградата му остана.

Гинтер Грас (16 октомври 1927 година) бил роден во семејството на Вил Грас, германски протестант, и на Хелене Кноф Грас, католичка од полско потекло. Грас бил воспитуван во духот на католицизмот. Неговите родители во тогашната градска општина Лангфур имале продавница и стан. Неговата сестра е родена во 1930 година.
Грас во својот роден град завршил основно училиште и гимназија. Волонтирал во морнарската служба доброволно, со цел да излезе од монотонијата што како момче ја чувствувал во родителскиот дом.
Во ноември 1944 година станал дел на СС. Грас се борел во Десеттата тенковска дивизија Фрундсберг на СС од февруари 1945 година до 20 април 1945 година, кога бил ранет и префрлен во американскиот логор за воени заробеници.
Од 1946 година до 1947 година работел во рудник и учел занает. Неколку години студирал скулптура и графика, прво на Дизелдорфската уметничка академија, а потоа на Берлинскиот факултет за уметност. Покрај ова се занимавал со пишување и често патувал.
Се оженил во 1954 година и од 1960 година живеел во Берлин. Се развел во 1978 година и повторно се оженил следната година. Од 1983 година до 1986 година бил на чело на Берлинската академија на науки и на уметности. Тој на пошироката читателска публика ѝ е познат како автор на романот „Ламаринениот барабан“, објавен во 1959 година, а по книгата е снимен и филм во 1979 година.
По „Ламаринениот барабан“ следувал романот-новела „Мачка и глушец“ (1961), романот „Кучешки години“ (1963), кои заедно со „Ламаринениот барабан“ ја сочинуваат трилогијата „Данциг“. Данцинг е поранешно име за Гдањск. Заедничка нитка што ги поврзува овие дела е издигнувањето на нацизмот и на искуството во единствената културна средина Данциг. Теоретичарите сметаат дека овие дела се слика на германското општество. За многумина „Кучешки години“ е продолжение на „Ламаринениот барабан“ каде што се опишуваат просторно измешаните ентитети и сложената историска заднина.
Во 1966 година излегол од печат романот „Плебејците се обидуваат да кренат востание“, а во поновите остварувања се вбројуваат „Широко Поле“ (1922) и личната хронологија „Мојот век“ (1999). Во издание на „Детска радост“ од Скопје во 2000 година беше објавен „Мојот век“ на македонски јазик, во превод на Димитар Гацов.
Грас е добитник на многу меѓународни награди, а во 1999 година ја доби највисоката награда, Нобеловата награда за книжевност.
Грас се враќа во самиот врв на светската книжевност со новелата „Патот на ракот“. Оваа новела, чиишто главни ликови прво се појавуваат во „Мачка и глушец“, се смета за најуспешна новела на Грас.
Во 2006 година тој ја објави и автобиографијата „Лупејќи кромид“. Токму во автобиографијата ја открива долгочуваната тајна дека во крајот на Втората светска војна им се придружил на озлогласените нацистички Безбедносни одреди под команда на најблискиот соработник на Хитлер и негов потенцијален наследник Хајнрих Химлер.
До 2006 година тој говорел дека во 1944 година бил само во противвоздушната одбрана, но во автобиографијата тој првпат признава дека бил дел од воената организација на нацистичкиот режим. Во интервју за германскиот весник „Алгемајне цајтунг“ изјавил дека една од причините поради која ја напишал автобиографијата е тоа што веќе не можел да ја чува својата „воена тајна“.
– Отсекогаш тоа го чувствував како товар за кој не можев да говорам. И ете, сега го напишав – изјави Грас.
Во овие Вафен СС (вооружени СС) за време на војната членувале околу еден милион војници распоредени во 38 борбени единици, а се формирани дваесеттите години на минатиот век како гарда на Хитлер. Под водство на Химлер од 1929 година оваа мала паравоена организација станала најголема и најмоќна организација во нацистичка Германија. На судењето во Нирнберг е прогласена за злосторничка организација, која е виновна за геноцид и за воени злосторства. Признанието на Грас предизвика бурни реакции во Чешка и во Полска. Дури и чешкиот ПЕН-центар ја разгледуваше можноста да му биде одземена наградата „Карел Чапек“. Признанието на Грас предизвика шок и во Полска, а посебно во неговиот роден град Гдањск, каде што тој беше прогласен за почесен граѓанин.
Грас работел и живеел на повеќе места – Париз, Берлин, Индија, а од 1986 година живеел во Белендорф, мало село во околината на Либек.
Во подоцнежните години се вклучил во политичкиот живот на Германија. Бил близок соработник на поранешниот канцелар Вили Брант. Во 1982 година формално станал член на Социјалдемократската партија на Германија. Литературното дело на Грас ја обележало повоената епоха на Германија. Тој важел за една од најконтроверзните личности на повоената германска историја, но се сметал и за еден од најжестоките критичари на германското општество.
(Пишува: Александра М. Бундалевска
Текст објавен во 137. број на неделникот „Република“, 17.04.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


