Атлетико и Реал Мадрид ќе го играат дербито на чертвртфиналните дуели во Лигата на шампионите, а градската пресметка за Мадрид ќе биде седма рунда сезонава за двата состави.
Двомечот ќе почне вечерва од 20,45 часот на „Висенте Калдерон“, фудбалскиот храм на Атлетико. Во сенка на дуелот на ланските финалисти во Торино, Јувентус ќе му биде домаќин на Монако.
Почетокот на четвртфиналните двомечи веројатно и не можеше да биде подобар, а сценариото е реприза на ланското финале. Уметниците од Реал против воините на Диего Симеоне во „црвено-белите“ дресови на Атлетико. И двата состави имаат многу причини за оптимизам.
Реал Мадрид и годинава е вистинска машина за голови, игра офанзивен фудбал и го има незадржливиот Кристијано Роналдо. Во строј по повредата ќе биде и Герет Бејл, што ветува ефектна и ефикасна претстава во два чина во ист град, во Мадрид за кралскиот клуб.
Атлетико Мадрид вечно ќе им биде во пријатните спомени на приврзаниците на Реал Мадрид, бидејќи лани токму против лутиот ривал ја освоија јубилејната десетта титула во Лигата на шампионите. Или популарната „Ла Десима“ како најтрофеен клуб во Европа и во Лигата на шампионите.
Адут на Атлетико Мадрид се претходните 6 рунди сезонава против Реал Мадрид. Јорганџиите се нерешлива енигма за „белиот балет“ и имаат 4 победи и две нерешени средби, без пораз во овој циклус во сите натпреварувања. Атлетико го победи Реал во шпанскиот Суперкуп, а потоа го исфрли и од Кралскиот куп на Шпанија. И во домашното првенство Атлетико си поигра со Реал, а особено се памети победата од 4-0 на „Висенте Калдерон“, кога Реал беше апсолутно надигран и немоќен пред налетите на агресивните момчиња на Диего Симеоне.
Јувентус и Монако се надеваат на прекин на долгиот децениски пост без полуфинале во Лигата на шампионите. Старата дама од Торино не била дел од квартетот најдобри во Европа од сезоната 2002/03, а Монако пости 11 сезони, откако последен пат беше полуфиналист во сезоната 2003/04.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.