| четврток, 6 декември 2018 |

Глоба од 8.000 евра ако не се повлече небезбедната храна

храна

Глоба од 8.000 евра за правните лица ако не почнат итна постапка за повлекување на небезбедната храна и ако за тоа не го известат надлежниот орган или не ги информираат потрошувачите, предвидуваат законски измени што денеска го поминаа првото читање пред собраниската комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство.

– Целта на измените и дополнувањата на Законот за безбедност на храната е да се обезбеди високо ниво на заштита на здравјето и интересите на потрошувачите преку нивно детално информирање за храната, нутритивните и здравствени тврдења – стои во предлог-текстот.

Казни се пропишани и ако пакувањето на храната наменета за ставање во промет е означено на начин кој не е лесно разбирлив, како и доколку се става во промет храна за животни која не е безбедна или се користи за исхрана на животни наменети за производство на храна.

Согласно измените, забрането е означување и рекламирање на храна со податоци кои сугерираат на лековити својства поврзани со превенција или лекување на заболувања, потенцирање специфични својства кои се слични со друга храна со ист квалитет, како и употреба на слики, цртежи, знаци, изрази и текстови што потрошувачот би можеле да го доведат во заблуда во однос на идентитетот на производот, потеклото, составот, својството, намената и дејството на производот, стои во текстот на законот.

Не е дозволено ниту при рекламирањето на храна да се користат изјави што се однесуваат на отстранување, намалување или спречување болести, забелешки во форма на лекарски совети или лекарски наоди, истории на болести, изјави на трети лица особено благодарници, пофалби или препораки ако се однесуваат на отстранување или намалување на болести, слики на лица во професионална медицинска облека или при изведување лекарска професија или промет со лекови и списи или писмени податоци што наведуваат на тоа дека определени заболувања се третираат со храна.

Операторите со храна кои произведуваат и ставаат во промет адитиви, ензими за храна и ароми за храна, треба да ги исполнат соодветните одредби. Секој нов производ кој спаѓа во групата адитиви, ензими за храна и ароми за храна се става во промет само по претходна авторизација и издадено одобрение од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top