Со колекцијата „Одбери ја својата бајка“ дизајнерката Олгица Ѓоргиева го затвори единаесеттото издание на Моден викенд Скопје вчеравечер во катната гаража „Солунски конгрес“.
Колекцијата за пролет/лето 2015 на Ѓоргиева, која ја сочинуваат десет ексклузивни креации, беше прикажана низ моден перформанс на танчарите од „Прима Данца“ и манекенките од модната агенција „Подиум“.
Моделите се надополнети со неколку детски креации кои се најава за наредниот проект кој следува од „ГО Ѓоргиева Олгица“.
На последниот ден на Моден викенд Скопје со „Пролетна магична приказна“ дебитираше Јагода Пачемска од арт-студиото за цвеќе „ФА-БУ “. Пачемска презентираше ексклузивни креации изработени од свежо цвеќе.
Модната куќа „Менакон“ (со модели достапни во Тетово) од Косово пред домашната публика ја претстави колекцијата „Спиритуализам“. По нив „Линеа колекшн“ (Linea Collection) донесе колекција инспирирана од Африка со современи елементи, животински дезени во лелеава летна варијанта и нови интерпретации на стандардните риги.
Дејан Тодоровиќ учествуваше првпат на Моден викенд Скопје со колекцијата „Среќна колекција“ (Happy collection) составена од 20 претежно елегантни вечерни фустани во црна, сива, сребрена и дискретно златна боја.
Модната куќа „Хера котур“ (Hera Couture) претстави колекција за актуелната сезона инспирирана од биографијата на легендарната Марија Калас.
Посетителите ги видоа маичките од мини-колекцијата „Џинсоманија“ на „Фешн груп Македонија“ дизајнирани во соработка со блогерката Јована Зука, како и меѓународната фотоизложба „Модата и културното наследство“ организирана од Британски совет во Македонија и Британскиот моден совет.
На 17 април во организација на Моден викенд Скопје ќе се одржи презентацијата на најновата колекција на Мила Кадриу во скопската винарија „Камник“.
фото: Дими и Ани
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.