| четврток, 6 декември 2018 |

Индонезија ја одби австралиската понуда за замена на затвореници

нарко

Претседателот на Индонезија Јоко Видодо ја одби австралиската понуда за размена на затвореници, а со тоа навести дека нема намера да ги помилува двајцата државјани на Австралија, осудени на смрт.

Австралијанците Мјуран Сукурман и Ендрју Чан, осудени на смрт поради шверц на дрога се во групата од 10 нарко дилери чија смртна казна, најверојатно, ќе биде извршена деновиве.

Понудата за размена на затвореници ја упати австралиската министерка за надворешни работи Џули Бишоп, која во пораката и како жена до жена апелирала нејзината колешка од Индонезија Ретно Марсуди да придонесе за помилување на осудените.

Претседателот Јоко Видодо денеска изјави дека одбивањето на барањето за замена на затвореници не значи дека Индонезија има непријателски став спрема Австралија. Тој побара Австралија да ги почитува политичкиот и правниот суверенитет на неговата држава и дека за тоа нема компромис.

Односите меѓу Индонезија и Австралија се нормализирани кон крајот на минатиот век. Нарушување на релациите, со повлекување на амбасадорите, се случи пред две години, кога беше откриена аферата за прислушкување на поранешниот претседател и негови министри од страна на австралиските разузнавачки служби. По австралиското извинување односите се повторно нормализирани.

Наспроти бранот протести ширум Австралија, во кои се бара поголем притисок врз Индонезија за да ги помилува нивните државјани осудени на смрт, премиерот Тони Абот во повеќе наврати нагласи дека овој случај не ќе ги наруши односите.

Поради извршување на смртна казна на нивни државјани во декември минатата година, Бразил и Холандија ги повлекоа своите амбасадори од Џакарта.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top