| четврток, 6 декември 2018 |

Австрија донесе закон за исламот

Австрискиот парламент  со гласовите на пратениците од владејачката коалиција ги прифати измените на законот за исламот, со кој се уредува статусот на муслиманската заедница и верниците во државата, а една од неговите основи цели де да се спречи обидот за регрутирање екстремисти.

 Измените на законот, кој е донесен уште во 1912 година одредува забраната за финансирање на муслиманските заедници во странство, но носат и предности за австриските муслимани, како што е, на пример, основање студии за исламска теологија.

Најновата верзија на споменатиот закон ги опишува организираните муслимани во Австрија како установа со јавно право, а австриските муслимани мора да им се подредат на австриските закони. Статусот на јавна установа, исламската заедница ќе го има под услов да ги негува „позитивните основни односи кон општеството и државата“. Така, кога станува збор за финансирањето, односно „собирањето средства за вообичаените активности во цел да се задоволат верските потребни на членовите“, тоа не може да се одвива надвор од границите на Австрија.

Верските лица од странство може да останат на должноста најмногу една година од стапувањето на сила на споменатиот закон. Исламските друштва кои не ги исполнуваат законските прописи, мора да бидат распуштени најдоцна до 31-ви март 2016 година. Законот ја обврзува исламската верска заедница во Австрија да ги смени од должноста имамите кои се осудени на затворска казна од една година па нагоре, како и оние кои „упорно ја загрозуваат јавната безбедност, редот, здравјето и моралот или правата и слободите на другите“.

Покрај одредбите со коишто се настојува да се сузбие исламскиот екстремизам, а дејствувањето на исламската заедница да се направи потранспарентно, законот донесува и предности за муслиманите во Австрија. Законот предвидува и отворање на шест работни места за наставнички персонал на новите исламско-теолошки студии на виенскиот универзитет од следната година. Законот, исто така, првпат го уредува и прашањето за грижата и негата за муслиманите во армијата, во затворите, болниците и старските домови.

На муслиманите во Австрија им е дозволено „производство на месни производи и други продукти во согласност со нивните верски прописи“, со што со законот се уредува и обредното колење, за што жестоко се дискутира во многу европски држави. Покрај тоа, законот го уредува и „соодветното верско образование на децата“, како и обредите како што е обрежување на мажите.

Законските измени во австрискиот парламент се донесени по жестоките дискусии во коишто особено се истакнуваа пратениците на партијата FPOe со своите барања за поригорозни решенија. Челникот на оваа партија, Хајнц Кристиан Страхе смета дека новиот закон нема да има никаков ефект. „Исламот не спаѓа во Австрија“, изјави Страхе, спротистаувајќи им се на оцените на другите пратеници дека исламот е дел од австриското општество. Страхе безуспешно бараше во џамиите да се проповеда на германски јазик, како и со законот да се забрани градење минариња и носење бурки.

„Вашиот говор е насочен кон поделба на општеството, а интеграцијата не се постигнува со поделби“, возврати социјалдемократскиот пратеник од SPОe, Петер Витман. Доколку во Австрија живеат повеќе од 500.000 луѓе кои се изјаснуваат за муслимани, „тогаш не може да се каже дека тие не се дел од нашето општество“, му реплицираше на Страхе пратеникот од Австриската народна партија (OeVP), Рејнхолд Лопатка.

Носењето на законот во Австрија предизвика од Турција, во прв ред поради забраната за финансирање на исламските заедници од странство. Челникот на турската агенција за верата Дијанетот, Мехмет Гоермез, порачаа дека законот „ја враќа Австрија за сто години наназад кога станува збор за правата на верските заедници“. Пратеникот од австриската SPOe Норберт Дарабос возврати дека законот е „урамнотежен“ и дека е „дискутиран и донесен на широка основа.“

Извор: Макфакс

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top