Библиотеката во Битола со инвестиција од над 30,5 милиони денари, којашто е издвоена од буџетот на Министерството за култура, доби целосна надоградба, а извршена е и реставрација на фасадата на стариот дел од зградата. Новите простории ги пуштија во употреба директорот на Библиотеката, Науме Ѓорѓиоски, градоначалникот на Битола, Владимир Талевски, и министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска.
– Се направи добар спој со стариот и новиот дел којшто се надогради. Со надоградбата библиотеката доби 500 квадратни метри функционален простор, од кој простор дел е наменет за читателите, дел за преслушување музички изданија, како и простор за одржување семинари, трибини и други манифестации – рече министерката Канческа-Милевска.
Во проектите на Министерството за култура кои се предвидени за оваа година влегуваат и конзервација и реставрација на музичкото училиште, гимназијата и безистенот, кои се од исклучително значење за Битола.
На свеченоста присуствуваше и новоизбраниот директор на ИФФК „Браќа Манаки“, Димитар Николовски.
-Со новиот директор на фестивалот „Браќа Манаки“ веќе почнавме да работиме и договоривме да се отвори нова канцеларија, која 365 дена, ќе работи за фестивалот, но паралелно и на афирмација на условите и сето она што ќе биде значајно за развој на Битола како филмски град – истакна градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.