| четврток, 6 декември 2018 |

Македонски камионџии возат илегално низ Шведска

камионџии

Во Шведска првпат е направено испитување на обемот и на карактерот на илегалниот транспорт со камиони низ земјата, јави дописникот на МИА од Гетеборг.

Во рамки на студијата се регистрирани преку 400 товарни возила со странски регистарски таблички кои ги кршат правилата.

Странски камионџии што вршат меѓународен транспорт за Шведска, можат да направат три други транспорти низ земјата и можат да останат најмногу седум дена. Потоа мора да ја напуштат Шведска.

– Да земеме еден пример. Една бугарска транспортна фирма има шест камиони во Шведска, кои мошне ретко ја напуштаат земјата, а некои од нив никогаш. Фирмата ангажира возачи од Македонија кои работат под мошне полоши услови од она што е пропишано со регулативата – вели за Шведската телевизија, Хенрик Стренберг, сообраќаен експерт при Универзитетот во Лунд.

Тоа негативно влијае врз иднината на транспортната бранша во Шведска.

– Транспортните претпријатија кои се обидуваат да ги следат шведските закони, кои настојуваат да ги почитуваат договорите склучени во областа на транспортот на стоки, се соочени со мошне неизвесна иднина – смета Стренберг.

Инаку, лани пред божикните празници камионџии во повеќе шведски градови со долги колони тешки товарни возила протестираа против условите во нивната бранша, кои тие ги сметаат за неправедни.

Гневот на шведските возачи беше насочен кон различните услови за возачите во рамки на ЕУ, при што беше потенцирано дека многумина странски возачи од, на пример, Бугарија и Македонија работат во Шведска за екстремно ниски плати. Македонските возачи во најголем број случаи работат со бугарски возачки дозволи.

Учесниците во протестите укажаа дека странските возачи во Шведска работат во крајно лоши услови, слични на робовски однос, и со недели спијат во кабините во камионите, додека заработката завршува во џебовите на нивните газди.

Од 1 јануари годинава во Шведска се воведени нови повисоки казни при што полицијата доби овластување да изрекува казни во износ од 40.000 круни (преку 4.000 евра) на транспортните фирми кои не ја почитуваат законската регулатива.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top