Во второто коло од Топ-12 фазата по групи во Лигата на шампионите во ракомет ЖРК Вардар лесно, полетно и со многу голови успеа да слави убедлива победа над словенечката екипа Крим со 41-30.
По незгодниот пораз во првото коло од Лајпциг на гостински терен вардарки најавија безпоштедна борба до крајот на натпреварувањето по групи за освојување на едно од четирите места кое води во четвртифналето.
Прв на патот застана Крим кој буквално настрада пред разиграните вардарки.
Избраничките на Индира Кастратовиќ мотовирано го започнаа натпреварот и уште во раната фаза дојдоа до висока предност која до крајот на мечот само ја зголемуваше за во еден момент во второто полувреме односно во 45 минута достигне највисоки 14 голови разлика (33-19).
По овој натпревар се чини дека конечно црвено-црните ќе заиграат на нивото како што се очекува од нив, и повторно ќе стигнат до фајнал-фор турнирот во Будимпешта.
Денеска Кастратовиќ им даде шанса за сите ракометарки освен на капитенот Ина Суслина, која немаше потреба да влезе во игра бидејќи француската интернационалка на голот Амандин Лејно одбрани перфектно успевајќи да фати 17 топки.
Во нападот повеќе ракометарки одиграа фантастично преводени од Јованка Радичевиќ која постигна осум гола.
По неа следеа Дембеле со седум, Лекиќ и Пенезиќ со шест, додека Ихнева која играше само 20 минути лесно стигна до бројката од пет гола.
Кај Крим добра партија пружија поранешната вардарка Алисон Пино со пет, македонската репрезентативка Мирјета Бајрамовска со четири гола и левото крило Мавсар која беше најефикасна со осум погодоци.
Следниот натпревар кој значи да се биде или не за составот на Кастратовиќ, ЖРК Вардар го игра на гостински терен против Динамо од Волгоград на 15.02.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.