| четврток, 6 декември 2018 |

„Лице в лице“ ја одбележува Неделата на продавачи на уличен печат

licevlice

Продавачите на единственото улично списание во земјава, „Лице в лице“ ќе бидат во фокусот на третото одбележување на Меѓународната недела на продавачи на уличен печат, која се одржува од 2 до 8 февруари во повеќе земји низ светот.

Станува збор за годишен настан, кој се одржува во првата недела од февруари, а целта е да се слави работата на продавачите на 114 улични списанија и весници од 35 земји од целиот свет и да се поттикне јавноста да размислува за предизвиците и проблемите со кои што тие се соочуваат, како бездомништво, социјална исклученост, сиромаштија.

Активностите од Недела на продавачи на уличен печат се одвиваат во градовите во кои излегуваат улични изданија што се членки на Меѓународната мрежа на уличен печат (ИНСП) со седиште во Глазгов.

„Лице в лице“ ќе ја одбележи оваа недела со повеќе активности во Скопје, Струга, Битола и во Охрид.

Во Скопје овој период почна најава на Неделата со распродажба на комплет од две списанија и букмаркер по цена од едно издание, а акцијата ќе трае до крајот на месецов. На овој начин, граѓаните, поддржувачи на „Лице в лице“, имаат можност да си ги набават броевите што им недостигаат. Во текот на оваа недела, продавачите од Скопје ќе бидат на повеќе нивни омилени локации (во Дебар Маало, на плоштадот „Македонија“, на влезот на ГТЦ), каде што ќе ги понудат овие комплети.

Битолските дистрибутери на списанието, „Форум 16“, заедно со интернет-магазинот „Олабај“ оваа недела, секој ден од 11 до 13 часот ќе бидат пред „Веро“ на Широк сокак, каде што ќе дадат поддршка на битолските продавачи и ќе го понудат „Лице в лице“ на граѓаните. Тие подготвија и манифест, кој ќе го споделуваат на социјалните мрежи.

Организацијата „Порака Нова“, која е дистрибутер на „Лице в лице“ за Струга, исто така, ќе се вклучи во акцијата со продажба на изминати броеви. Струшките продавачи, со поддршка на „Порака Нова“ ќе бидат на повеќе локации низ градот и ќе им ги понудат на граѓаните броевите кои им недостигаат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top