| четврток, 6 декември 2018 |

Македонците од Германија со остра осуда за постапките на Заев

Македонската дијаспора не може да поверува до каде се подготвени да одат некои политичари од опозицијата, на чело со Зоран Заев и СДСМ, велат Македонците од Германија.

-Ние како дел од македонскиот народ што живее во Европа, не можеме да прифатиме вакво однесување и дејствување. Тоа, господо од СДСМ, никако не може да бидат европски норми во политиката. Чувствуваме потреба и одговорност како дијаспора и мораме да ви укажеме, загрозувајќи го уставниот поредок не победувате во политичка битка, туку правите нешто досега невидено и непознато и за Македонија и за современа Европа. Да остварувате соработки со странски разузнавачки служби, да го поткопувате уставниот поредок и да одите спротивно на волјата на граѓаните, немате оправдување. Далеку е тоа од Европските вредности, се вели во соопштението од Македонско- германско културно друштво „Македонија“- Берлин.

Велат дека сите се сведоци дека во последните месеци, од страна на партиите што го бојкотираат Собранието на Република Македонија, на чело со СДСМ, се најавуваат разни бомби што треба да експлодираат.

– Место програма, место eвропска иднина, ние чекаме бомби. СДСМ ни нуди бомби. Наспроти ова, гледаме како ВМРО-ДПМНЕ, одговара на бомбите. Одговара со реформи, со изградби на објекти, на спортски сали, на патишта. Одговара со eкономски активности насекаде во светот. Одговара со почитување на граѓаните во Македонија и на Македонците насекаде во светот. Каква спротивност. СДСМ секојдневно ни нуди бомби, а ВМРО-ДПМНЕ достоинство, реформи, инвестиции. Но, за СДСМ сето тоа е ново и непознато. СДСМ многупати имаше шанса да го направи истото, но, вие во СДСМ немате слух, се исмејувате, не сакате да разберете дека граѓаните не сакаат бомби, сакаат во Европа. Гордо и достоинствено во Европа. Не можејќи да се пробиете на политичката сцена во Македонија, немајќи визија, немајќи програма, посегнавте во поткопување на постоењето на Македонија. Нема веќе дилеми, нема нејаснотии. Сега сите знаеме кои сте. Посегнавте во соработка со странски платеници, во таа пуста желба за власт. Сакате главите да ги наведнеме… Сакате да ги погазите илинденците, асномците… Нема да успеете. Тие се македонска гордост – стои во реакцијата од Македонците во Германија.

Ние како дијаспора, се додава во соопштението, ви порачуваме, немојте, немојте не си играјте со Македонија. СДСМ, оставете ги бомбите и вратете се во Собранието, каде што ви е местото. Изразете основно почитување кон гласачите што ве избрале. Штетата што ја правите не е само на Зоран Заев и на СДСМ, штетата е на Македонија. Угледот на татковината го уривате во очите на Европа и на светот. Оставете ги странските платеници и служби и конечно фатете се за работа и малку посветете се на народот и на државата. Македонскиот народ никогаш нема да ви дозволи тргување со Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top